Раднички го изненади Митјиланд

Квалификации за ЛШ – Група 2 ( Крагуевац)

Митјиланд – ЖРК Раднички Крагуевац 24 : 29 ( 24 – 24 , 15 – 15)
Во вториот натпревар кој се одигра во Крагуевац домаќинот Раднички го пречека данскиот Митјиланд во натпревар кој донесе многу неизвесност. Ракометарките на Раднички одлично го отворија натпреварот и жестока борба имаше на паркетот во Крагуевац во првите 15 минути. Први до водство дојдоа србинките  и со двата голови на искусната Билјана Балац успеаа да направат позитива од 2 погодоци разлика ( 8 – 6). Од средината на полувремето па се до 28 минута, Раднички одржуваше водство од еден до два погодоци разлика. На голот блескаше репрезенативката на Србија, Јована Рисовиќ која имаше маестрални одбрани, а преку крилните позиции Нишавиќ и Милошевиќ погодуваа без грешка. Сето ова резултираше со изедначен резултат на полувремето ( 15 – 15).

Вториот дел започна со неколку грешки на двете страни. Со трите голови на Јанјушевиќ Анѓела, Раднички за прв пат стигна до највисокото водство од три погодоци разлика 15 – 18 во 33 минута. Во периодот кога се кршеше мразот, Јована Рисовиќ продолжи со своето голманско шоу во спортската сала ” Езеро” и не дозволи Митјиланд да се врати во игра. Милошевиќ Ивана имаше чиста ситуација да го зголеми водството и на четири разлика, но топката заврши во рацете на Сабине Енглерт. Серијата ја прекина Корнелиа Грот за намалување на разликата на 16 – 18 во 37 минута, но набрзо Милошевиќ ја поправи грешката и прецизно стрелаше за плус три ( 16- 19) . Во последните 20 минути се играше гол за гол, а во 53 минута Билјана Балац постигна гол за водство од 22 – 23 за Раднички. Корнелиа Грот имаше шанса преку пенал да го изедначи резултатот, но Тошовиќ Оливера го одбрани ударот . Јанјушевиќ  продолжи со својот ракометен танц на теренот и донесе водство од два ралзика на својата екипа 22 – 24 во последните четири минути од натпреварот. Митјиланд го израмни резултатот на 24 – 24 и во последните 30 секунди имаше напад за победа но не го искорити.

Во продолженијата два пати по пет минути, голманката Јована Рисовиќ дефинитивно ги сруши надежите на ракометарките на Митјиланд и уште еднаш потврди дека чудата се случуваат. Раднички за десет минути постигна пет голови, додека Митјиланд не успеа ниту еднаш да ја совлада младата Рисовиќ. Најефикасна ракометарка кај Раднички беше Јанјушевиќ Анѓела со девет голови, додека Балац успешно ја погоди мрежата на противнците шест пати. Кај Митјиланд најефикасна беше Корнелиа Грот со девет погодоци.

За влез во Лига на шампионите од квалификациската група 2  ќе се борат Раднички и Подравка. Подобриот од овој дуел ќе биде во групата Б заедно со ЖРК Вардар, ЖРК Будуќност и Турингер. Утрешното финале меѓу Раднички и Подравка е со почеток од 19 : 30 часот, додека натпреварот за третото место меѓу Митјиланд – Бјасен е со почеток од 17 :00.