„Птицата-преселница“ си најде нов клуб – Остроушко се сели во Романија!

Украинскиот репрезентативец Владислав Остроушко, со кој во јануари следната година ќе си имаат работа македонските ракометари на ЕП, нема да биде дел од вицепрвакот Еурофарм Работник во следната сезона. Тој е познат по честото менување на клубовите, па не успеа да се задржи повеќе ниту во битолскиот клуб. Иако „фармацевтите“ сакаа да го задржат, сепак Острушко ги одби еднаш, вторпат и третпат, за во текот на викендот да се поздрави со соиграчите преку заедничката група на социјалните медиуми.

Левиот бек шутер, кој заедно со Кузмановски беше меѓу најдобрите стрелци на Еурофарм и имаше голема заслуга за второто место, уште по завршувањето на сезоната јасно стави до знаење дека ќе си оди од Македонија. Иако за неупатените неговото заминување е големо изненадување, сепак не е така, бидејќи Украинецот често гласно коментираше за незадоволството од начинот на работа во нашата земја. Ако го погледнете „си-ви“-то на Остроушко, ќе најдете многу клубови, каде што максимум останувал по една сезона, па затоа не изненадува фактот што си оди и од Еурофарм.

Тој најверојатно се враќа во Романија, но не во Баја Маре чиј дрес го носеше пред неколку сезони, туку во составот на Дунареа Калараши, кој е предводен од украинскиот селектор Сергеј Бебешко, со кој соработуваа заедно во Мешков Брест.

На Еурофарм му пропадна „дилот“ со Марио Танкоски, па сега остануваат со Марин Вегар како главен шутер на левата бековска позиција, што во никој случај не е доволно ниту за регионалната СЕХА лига, а камоли пак за Лигата на шампионите. Во брзо време очекуваме битолчани да реагираат на трансферот пазарот, иако ниту тие не би требало да бидат премногу затечени од потврдата за заминување на Остроушко, па можеби веќе имаат разговори со некој потенцијален нов играч.