Пролет на чекор до плеј-оф завршница: Работнички лесна задача за Тинекс Пролет (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Преостануваат уште две кола до завршницата од македонската Супер лига. Во 16-то коло во спорската сала „Македонско сонце“, РК Работнички формално како домаќин ја пречека екипата на Тинекс Пролет. Натпреварот заврши во корист на „гостинскиот“ тим, а конечниот резултат гласеше 20-23.
По 10 минути игра, ракометарите на Иле Темелковски имаа предност од два погодока,1-3. Но разликата продолжи да расте, по тајм-аутот за домаќините во 15-та минута, Тинекс Пролет преку Ролевски ја зголеми предноста на три голови разлика, 2-5. Работнички му парираше на противникот до 20-та минута, кога при резултат 5-7, ракометарите на Тинекс Пролет со серија од пет погодоци во низа го направија највисокото водство на натпреварот од осум погодоци 5-13. До крај на првото полувреме Работнички анулираше само еден погодок од високото водство на гостите, за конечни 6-13 по триесет минути игра.
Во второто полувреме Работнички беше подобар противник. Тоа го покажаа уште на самиот почеток на вториот дел, кога со два погодока по ред ја намалија високата предност на пет голови разлика. Истата разлика се одржуваше до последните десет минути на натпреварот. Ракометарите на Тинекс Пролет веќе ја прославуваа победата, невнимание кое го искористија ракометарите на Работнички за да ја вратат неизвесноста на натпреварот. Во 54-та минута го намалија резултатот на три разлика, 17-20, но му дозволија на противникот да постигне два лесни гола за крај на шансите за поволен резултат. По шеесет минути на семафорот беше испишан резултатот 20-23.
Тинекс Пролет е на шестата позиција во македонското првенство со еден поен помалку од РК Пелистер и два од РК Прилеп по некомплетното 16-то коло.
[Best_Wordpress_Gallery id=”51″ gal_title=”rabotnicki-tineks”]

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ

Забрането превземање на фотографии без одобрение од Редакцијата