Пролет годинава со поголеми амбиции од лани

Екипата на Пролет 62 беше една од последните која влезе во тренажен процес пред стартот на новата сезона, а ракометарите неполн месец ги одработуваат задачите. И покрај тоа сите се сигурни дека до почетокот на новата сезона ќе успеат да влезат во потребната форма и ќе дојдат до играа со која ќе можат во битка за целта која што ја имаат поставено.

„Уште не сме стигнати до врвот од формата и до она што го посакуваме за новата сезона. Сепак, имаме уште една недела и мислам дека ќе успееме во она што го имаме зацртано. Ќе дојдеме навреме до финалната форма. Инаку, релативно доцна почнавме со подготовките на 17 август. Во Маврово одработивме добро и веќе одигравме шест контролни средби. Добро ја темпираме формата така што одиме според планот“, вели Ласко Андоновски околу кого ќе се вртат сите работи во екипата на Пролет особено кога е во прашање нападот.

Амбициите годинава се поголеми отколку лани така што сите ракометари се свесни дека се очекува многу повеќе.

„За разлика од минатата сезона наша цел сега е да се пласираме во плеј-оф групата. Целиме кон 4. место, а мислам дека конкуренција ќе ни бидат Радовиш, Борец и Прилеп. Екипите на Пелистер, Работник и Охрид се очигледно една класа пред нас, но со организирана игра мислам дека можеме против секого особено на домашен терен. Оваа година имаме играчи кои дојдоа во тимот за да не засилат како Мартин Манасков и Влатко Јовчевски. Тие ќе ни бидат од голема помош така што ќе се обидеме да го оствариме зацртаното“, коментираше Андоновски.