Прв вистински тест за суперлигашка Струга

Стружани како домаќини на овој турнир влегуваат веројатно и со најмладата екипа. Повратникот во Супер лигата во новата сезона ќе има изменет состав во однос на лани и ќе биде засилен со неколку одлични ракометари, но ќе има дефинитивно тешка сезона.

Во текот на летово во клубот дојде и нов тренер. Екипата ја презема актуелниот селектор на Грузија, и поранешен стратег во Вардар и во Металург, Андон Бошковски. Со него екипата ќе влезе во битка за подобар пласман, а самиот факт што на претседателската функција е поранешниот репрезентативец на Македонија и еден од најдобрите ракометари кои Македонија некогаш ги имала, Наумче Мојсовски, е доказ дека се работи сериозно.

Нови имиња во екипата на Струга летово се Дарио Петровски (Е. Работник), Ненад Костески (Металург 2), Никола Кизиќ (Вардар јуниор), Стефан Трпчевски (Вардар јуниор) и Леско Цителишвили (Грузија).

Со овие играчи би требало да се добие на поголем ростер и избор за новата сезона, а на Струшкиот турнир ќе се види колку ракометарите се подготвени за дострелот кој го имаат зацртано сезонава.

Инаку, Струга како домаќин го отвора турнирот со првиот меч денеска од 17 часот. На него игра против Железничар на Веселин Вујовиќ. Вториот дуел ќе го има в петок против Алингсас од 17:30 часот, додека в сабота од 10 часот против Констанца го има последниот меч од групната фаза.