Прво „чиста сметка„ – после купување и фузија на Пелистер

Сагата околу најавената фузија на Еурофарм Работник и на Пелистер е продолжена и зависи од тоа кога управата на попознатиот битолски клуб заедно со Општина Битола како сопственик ќе обезбедат чиста сметка. Во моментов никој не знае колкави се долговите на Пелистер, ниту пак има најава дека клубот е подготвен, финансиски и огранизациски да ја почне новата сезона.

Според нашите информации во текот на вчерашниот ден имало состанок меѓу сопствениците на Еурофарм Работник и претставници на Општина Битола. Било договорено повторно да се сретнат, без давање на крајни рокови за да се разреши ситуацијата која сега не му оди во прилог на Пелистер.

Идниот сопственик на Пелистер сака да има чиста сметка, и да добие потврда од Општината дека сите долгови направени пред одреден датум за кој ќе се договорат ќе бидат подмирени од страна на Општината. Но, од страна на Општината сметаат дека тие ги исплатиле сите пари на управата и таа е одговорна за нивното трошење и направените долгови.

Веќе неколку месеци се зборува за фузија на двата клуба, но прво треба Еурофарм како компанија да ги купи акциите на Пелистер и да стане сопственик. Дури потоа би се разговарало за фузија, од која како „главен тим“ би произлегол Пелистер, а Еурофарм Работник би била „втор тим„ од каде треба да излегува домашниот играчки кадар.

Сезоната е на прагот, а Пелистер се уште нема доволен број играчи, ниту пак направија сериозни подготовки. Во вторник треба да ја отворат сезоната со дуел со Бутел.

Од друга страна Еурофарм Работник успешно тргна во новата сезона, стартуваше во победа на првиот домашен меч во СЕХА лигата, двапати играше во финале на турнирите во Струга и Добој. Тимот е веќе создаден и се работи на воигрување за следните настапи во Лигата на шампионите.
Еурофарм Работник првпат ќе игра во групната фаза од ЛШ

Од извештаите од првите два натпревари, оној во СЕХА лигата и сега во Лигата на шампионите ќе биде познато дали Еурофарм Работник ќе продолжи да настапува во Битола, и какви се подобрувања се потребни во салата.