По две години Татран поразен во Скопје: Металург со успешен старт во СЕХА

Екипата на словачкиот шампион Татран Прешов, во минатото важеше за тврд орев, кога се во прашање натпреварите во СЕХА лигата. Делумно затоа што за македонскиот првак СЕХА лигата не е во приоритетите, а делумно и заради неспорниот квалитет на словачката екипа во Скопје Татран не можеше да се совлада.
Оваа сезона помладениот и амбициозен тим на Металург покажа дека во минатите сезони им недостасувала поквалитетна клупа која е приближно силна како и првиот тим. Иако Лино Червар суптилно испробуваше некои варијанти и комбинации кои би му послужиле за Лигата на Шампиони, Липовина, Борозан, Марсениќ и Циндриќ покажаа квалитет за висок дострел на шампионот во Европа. Збогатени со искуството на Станиќ, Вугринец, Атман, Мојсовски и Миркуловски, Металург сигурно има тим за почит.
Натпреварот го отвори новото засилување на македоскиот шампион, еден од најквалитетните млади пивоти во Европа, Мијајло Марсениќ. Металург ја превзема иницијативата, а со одлична серија до шеснаесетата минута веќе беше на пристојно водство од 9-4 со голот на Манасков од контранапад. Кога сите помислија дека крајот на натпреварот ќе биде само формалност, неколку одбрани на гостинскиот голман и една пречка овозможија Татран да возврати на серијата на Металург за 9-8 и тајм аут за Лино Червар. До крајот на првите 30 минути во игра гол за гол поуспешни беа гостинските ракометари кои на пауза заминаа со нерешен резултат 14-14.
По две минути игра во вториот дел, Татран со голот на Кристопанс стигна до првото водство од 14-15,  меѓутоа не успеа да ја задржи или зголеми предноста. Последен пат на натпреварот, Татран имаше предност во 38-та минута, повторно со погодок на највисокиот играч на теренот Кристопанс 18-19. Словаците како да немаа сили да го одиграат завршниот дел од натпреварот, поквалитетната клупа на Металург го зададе последниот удар, на секои два гола на Металург Татран возвраќаше со еден што на крај го чинеше пораз во СЦ „Борис Трајковски“ од 34-28. Mакедонскиот шампион стартуваше со два бода во новата сезона, убав вовед за она што следува во продолжение на сезоната.
Металург во наредното коло ќе игра во „македонското“ дерби во СЕХА лигата против екипата на Вардар. Натпреварот е на програмата во сабота (06.09.2014) од 20:15 часот во СРЦ „Кале“. Татран Прешов за три дена ќе ги одмери силите со фаворитот за освојување на СЕХА лигата, екипата на унгарски Веспрем.

[Best_Wordpress_Gallery gallery_type=”slideshow” theme_id=”1″ gallery_id=”18″ sort_by=”order” order_by=”asc” slideshow_effect=”fade” slideshow_interval=”4″ slideshow_width=”800″ slideshow_height=”500″ enable_slideshow_autoplay=”0″ enable_slideshow_shuffle=”0″ enable_slideshow_ctrl=”1″ enable_slideshow_filmstrip=”1″ slideshow_filmstrip_height=”70″ slideshow_enable_title=”0″ slideshow_title_position=”top-right” slideshow_enable_description=”0″ slideshow_description_position=”bottom-right” enable_slideshow_music=”0″ slideshow_music_url=”” gallery_name=”metalurg tatran” watermark_type=”none” watermark_link=”http://web-dorado.com”]