По Давид Дејвис, Русите го земаа и кондицискиот тренер на Вардар

Новиот селектор на машката руска репрезентацијa Едуард Кокшаров потврди дека негов помошник на клупата ќе биде Давид Дејвис. Истовремено уште едно познато лице од Вардар ќе се приклучи на „зборнаја“ така што вардаровата колонија во руската селекција ќе биде уште поголема.

Тоа ќе биде, Даниел Јуришиќ, кој во Вардар работи како кондициски тренер и е задолжен за физичката подготвеност на ракометарите. Очигледно е дека поголемиот дел од тимот кој донесе успеси во Вардар и го однесе клубот на тронот во Лигата на шампионите би требало да ја врати репрезентацијата на Русија на патеките на кои беше во минатото.

„Мој помошник во репрезентацијата ќе биде Давид Дејвис. Тој е еден од најдобрите ракометари коишто имаат настапувано за репрезентацијата на Шпанија. Во 2005 година дојде до златен медал на Светското првенство, а на Олимписките игри во 2008 година до бронза. Работи заедно со Раул Гонзалез во последните неколку години, а покрај тоа беше и прв тренер на женската екипа на Вардар. Имаме одлична соработка со него и ќе ни биде од голема помош. Тука ќе биде и Даниел Јуришиќ кој заврши одлична работа со Вардар со подготвувањето на ракометарите“, изјавува Кокшаров, кој ја има улогата на спортски директор во редовите на Вардар.

Ако на ова се придодаде и Сергеј Самсоненко, кој е координатор на машките репрезентации на Русија сосема извесно е дека Вардар ќе доминира во стручниот штаб на оваа селекција.

Како што е познато Русија не обезбеди пласман на Европското првенство во Хрватска, па ќе мора во квалификации за пласман во бараж за Светското првенство во 2019 година така што веќе на 26 октомври ќе треба да се види она што е сработено на дуелот против Словачка.

Фото: www.rkvardar.mk