Последен ден на СП: Франција ќе се обиде да ги запре Норвежанките

Селекциите коишто останаа до крајот на Мундијалот во Германија денеска го имаат својот последен настап, а вообичаено први на теренот ќе истрчаат селекциите кои ќе се судрат во малото финале.

Она што е интересно и за Македонија е дека во финалето ќе има две ракометарки на Вардар. Амандин Лејно и Александра Лакрабер ќе се обидат да ја запрат Норвешка која игра во неверојатна форма во втората недела од Мундијалот. Франција е противник на актуелните шампионки, а тоа ќе биде одличен дуел на кој ќе решаваат нијанси за победата.

Норвешка ја брани титулата освоена пред две години, но за да успее во намерата ќе мора да одработи далеку подобро од досега. Ќе треба да се биде барем на ниво повисоко од претходните дуели, а Норвежанките веќе докажаа дека знаат како да го направат тоа.

Што се однесува до Франција и оваа селекција има свои адути, па сигурно ќе има што да се види на теренот во мечот кој почнува од 17:30 часот.

Со овој дуел ќе биде спуштена завесата, но претходно во битката за бронзата Шведска и Холандија од 14:30 часот ќе се обидат да ја добијат утешната награда. Според она што го прикажаа на целиот турнир Швеѓанките би требало да бидат поблизу до медалот, но тоа не мора да значи ништо бидејќи ќе мора да се даде потврда за квалитетот и на теренот.

ДВОЈКИ ЗА ПОСЛЕДНИОТ ДЕН НА СП

МЕЧ ЗА 3. МЕСТО

ШВЕДСКА – ХОЛАНДИЈА            14:30ч

ФИНАЛЕ

НОРВЕШКА – ФРАНЦИЈА            17:30ч