Порано руски интернационалци го окупираа Балканот – сега е обратно

Црногорскиот репрезентативец Игор Радојевиќ потпиша со екипата Спартак Москва од наредната сезона. Тој во рускиот состав пристигнува од унгарскиот Егер каде што играше минатата сезона. Радојевиќ настапува на позицијата десно крило.

Претходно во кариерата 29-годишниот Радојевиќ има настапувано во домашното првенство во Мојковац, Беране и Будуќност. Ова не е негово прво интернационално искуство со оглед на тоа што настапуваше и во босанскиот Извиѓач и изралескиот Макаби Киријат.

Најновото засилување на Спартак го има освоено шампионатот на Црна Гора со Мојковац, а Купот со Беране. Во дресот на Макаби во првенството на Израел ја доби титулата најдобар стрелец.

Своевремено руските ракометари и ракометарки беа најпосакувани од балканските екипи, меѓу кои и тогашните шампиони Вардар и Кометал, а во поновата историја и машката и женската екипа на Вардар.

Сега руските екипи почнаа да го следат примерот на другите европски екипи и полека ги отворија вратите за интернационалци од Балканот. Најпрво Сара Ристовска потпиша за ЦСКА Москва, а сега и Игор Радојевиќ го засили Спартак Москва.