Пораз на Србија во второто коло од Светското првенство во Данска (26-32)

По нерешениот резултат од вчерашниот натпревар со Црна Гора, женската ракометна репрезентација на Србија не успеа да ги надигра унгарските ракометарки и да дојде до првата победа на Мундијалот во Данска (26-32)

Унгарките го започнаа натпреварот со гол на Сузана Томори, но на спротивната страна веднаш возвратија Србинките. Следните неколку минути избраничките на Немет успеваа да ја одржат предноста во свои раце преку Томори која во седмата минута од натпреварот го постигна својот четврти гол (2-5). Одбраната на Србија не беше на највисоко ниво, а тоа го искористија Унгарките за највисока предност од (4-10) во 11-тата минута од натпреварот. Кристина Лишчевиќ со гол од девет метри ја прекина лошата серија за својата репрезентација (5-10). Унгарките продолжија во ист ритам, па веќе во 20-тата минута имаа предност од седум гола (9-16). Постот кај Србинките го прекина Јанушевиќ со два погодока во низа (11-16). На минута пред крајот на првото полувреме Унгарките останаа без две свои ракометарки, а српските ракометарки го искористија тоа максимално, постигнаа два погодока и на пауза отидоа со негатива од два гола (16-18).

Вториот дел започна со промашувања на двете страни. Србинките се доближија на гол разлика во 34-тата минута преку Живковиќ (17-18). Следуваше период кога се играше гол за гол , но на средина на второто полувреме Унгарките влегоа во ритам па се одлепија на четири гола разлика во (20-24). Катарина Крпеж со гол од пенал во 43-тата минута од натпреварот ја доведе Србија на три гола негатива, а Рисовиќ на спротивната страна го одбрани ударот на Горбиц од 7 метри.  Србинките успеаа да останат во игра преку погодокот на Дијана Радојевиќ од контра-напад (22-24). По период без погодоци  на двете страни на шест минути пред крајот на натпреварот Унгарките успеаа да дојдат до 4 гола предност, 23-27, преку фантастичната Томори која го постигна својот десетти гол. Србинките и покрај добриот отпор не успеаа да ја намалат предноста, па натпреварот заврши со конечни 26-32 во полза на Унгарија.

Во составот на Унгарија блескаше Сузана Томори со десет погодоци, а кај Србија Катарина Крпеж постигна пет.