Победа на мускули за Металург, Бутел Скопје испушти изненадување

Екипата на Металург се испоти добро за да дојде до трите бода на дуелот против Бутел Скопје и во текот на сите 60 минути мораше да се бори за да дојде до триумф. Конечните 26:25 се доказ за она што се случуваше на теренот, а еден шут можеше да смени многу работи односно можеше да донесе голем бод за Бутел Скопје. Во последните 25 секунди десните крила Шилегов и Мојсоски промашија, па на тој начин победата остана за домаќинот.

Во првите пет минути од натпреварот имаше само еден погодок. Јагуриновски донесе водство за екипата на металург и овој резултат останадо 5. минута кога Димовски израмни. Од тој момент играта доби на забрзување и динамика, па почна и бројот на головите да се зголемува.

Се играше гол за гол до 3:3, по што следуваше предност од два погодока за металурзите. Оттука почна Металург да има контрола на резултатот и на играта, па брзо дојде и до 9:4, а тоа се случ на средина од првиот дел.

Овие пет гола беа највисоките во првото полувреме. Тимот на Бутел Скопје се обиде да намали, но успеа да дојде само до три гола негатива. Повеќе од ова не можеше, па мораше да се помири со фактот дека Металург ќе биде тимот кој на одмор ќе има предност од четири погодоци, а водеше со 15:11.

Во првите 30 минути на моменти одбраните на двете екипи покажаа игра на ниво, но имаше и неколку лесни голови на двете страни така што после првото полувреме немаше многу за издвојување во делот на прикажаното на теренот.

Второто полувреме почна со ист ритам. Металург имаше контрола на резултатот и успеваше да издржи во позитива од 3-4 гола разлика. Гостите се обидуваа да се заканат и да намалат, но не можеа да се доближат повеќе и долго бараа простор за да успеат да зададат удар повеќе и да обезбедат поинтересен финиш.

Упорноста даде резултат дури на почетокот на последните десет минути. Бутел Скопје намали на два разлика. Металург водеше само 23:21 така што ова беше најава за возбудлива завршница. Ќе беше многу поинтересно доколку една топка упатена кон празниот гол на металурзите завршеше во мрежата место во стативата бидејќи тој гол ќе донесеше само еден гол разлика.

И во следните пет минути не беа искористени две шанси. Повторно една ситуација беше на празен гол на Металург, а Серафимов спаси, па останаа двата гола позитива кои им даваа каков-таков мир на металурзите. Во последните пет минути голманот Блажески беше тој кој го одржуваше Бутел во игра. Конечно гостите дојдоа на гол негатива на минута и седум секунди до крајот кога Милошевски погоди за 25:26. При таа акција Пецаковски доби црвен картон и ова беше тежок момент за Металург.

Домаќинот имаше пенал за победа на овој натпревар на 25 секунди до крајот од натпреварот. Мице Шилегов биеше над голот и им остави дваесетина секунди на гостите за последниот напад за реми. Сепак, Златко Мојсоски не успеа да го погоди голот во последниот шут, па трите бода останаа за Металург кој славеше со 26:25.

МЕТАЛУРГ – БУТЕЛ СКОПЈЕ       26:25 (15:11)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Марјан Начевски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Ѓорѓески, Кондев, Јагуриновски 8, Поповиќ 2, Пецаковски, Шилегов 5, Танкоски 4, Мариќ 1, Серафимов 1, Лазаревски 3, Младеновиќ, Чантурија, Кбалашвили 1, Додиќ, Арсеновски 1.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 14 мин.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Даскалоски, Блажески, Димов, Младеновски 3, Стојановски, Ѓеоргиевски 4, Божиновски 1, Шокоски, Димовски 2, Спасовски, Мојсоски 7, Милошевски 2, Печенковски 2, Василевски 3, Мајиќ 1.

Седмерци: 7/9, Исклучувања: 14 мин.