Победа на Веспрем за интересен реванш во Монпелје

Екипата на Веспрем триумфираше над француски Монпелје 26-23 (13-10) на домашен терен на првиот од двата четврт-финални дуели во рамките на Лигата на шампионите.  Французите му парираа на својот противник само првите петнаесетина минути од натпреварот по што домаќините го презедоа водството и го диктираа темпото на игра до самиот крај.

Натпреварот го отворија ракометарите на Монпелје со гол од пенал во втората минута на што домаќините одговорија со два гола едно по друго 2-2. Се до средината на полувремето се играше максимално изедначено со игра гол за гол, по што ракометарите на Веспрем со серија од (4-0) дојдоа до највисоко водство 10-7. До истекот на 30-тата минута екипата на Веспрем успеа да ја задржи разликата од три погодоци и со резултат 13-10 да замине на пауза.

Почетокот на вториот дел донесе исклучувања на двете страни по што домаќините дојдоа до највисокот водство до тогаш 16-11. Ракометарите на Монпелје ги консолидираа своите редови и успеаја да ја  намалат негативата 19-16 на средината на вториот дел, но Момир Илиќ и Драган Гајиќ беа прецизни за повторно водство на Веспрем од 5 разлика 21-16. На три минути пред крајот имаше исклучување во редовите на Веспрем, а тоа го искористија Французите за намалување на негативата на 25-23. По тајмаутот на Веспрем , Арон Палмарсон испрати проектил во противничката мрежа за 26-23 и го запечати резултатот на натпреварот.

Најефикасни во составот на Веспрем беа Ласло Наѓ и Арон Палмарсон со 6 погодоци, а во екипата на Монпелје се истакна Валентин Порт со 5 погодоци.