„Паткари“ славеа во Кавадарци: Струга е нов суперлигаш

По деценија пауза во Струга повторно ќе се игра суперлигашки ракомет. Тимот на Струга успеа да победи во баражот за пополнување на најелитното машко натпреварување победувајќи го тимот на Металург 2 со 32-24 (14-11). Струга е вториот тим од Прва лига што успеа сезонава да влезе меѓу суперлигашите, откако претходно Бутел како првопласиран директно се пласираше меѓу 12-те најдобри тимови во Македонија.

Амбициите на Струга пораснаа откако во клубот се врати Наумче Мојсовски, но во управните тела и вложи големи напори во градот од каде има огромен број на репрезентативци повторно да се игра суперлигашки ракомет. Сите напори конечно вродија со плод.
В година ќе има и соседско дерби, бидејќи покрај Струга во Супер лигата останува и Охрид.

Се до 19 минута од натпреварот екипата на Струга имаше предност која во еден момент беше и „плус 3“, но потоа секоја грешка на стружани беше казнета и Металург 2 успеа првпат да го израмни резултатот, 5-5. Потоа до 25 минута се играше „гол за гол“ по што Струга повторно се одлепи резултатски и на полувреме имаше предност од 14-11. Во овој дел од мечот голманот на Струга, Александар Стојановски беше најзабележителна фигура со неколку одлични и важни одбрани во моменти кога тимот имаше или играч помалку или правеше разлика. И пикерот Ааксндар Тренчевски беше незадржлив со шест голови. Кај тимот на Металург 2, Михајло Младеновиќ со неколку проектили во самите агли на голот го одржуваше резултатот.

Второто полувреме мина повторно во знакот на „црвените“ и Струга наметна темпо кое младите металурзи не можеа да го следат. Знаеја „гостите“ да ги искористат сите шанси и полека да го зголемуваат водството. Во 47 минута Струга го имаше и највисокото водство, 24-19, а притоа голманот Стојановски бранеше во серија тешки топки. Добрата игра Струга ја круниса со уште повисоко водство, 26-20 во 50 минута, и повторно со одлична одбрана на Стојановски во следниот напад.

Кога Јанкуловски зголеми на 27-20 во 51 минута тоа беше знак дека Струга е блиску до пласманот во Супер лигата, и треба само рутински да се одработат последните девет минути. Стојановски брани одлично, а контрата на Јанкуловски му носи водство на тимот на Струга од 28-20 во 52 минута. Тоа беше знак за тренерот на скопјани, Радослав Стојановиќ да побара минута одмор и да се обиде да смени нешто.

И малку успеа, но немаше време драстично да се смени резултатот. Струга заслужено се враќа во елитата.

Сега останува стружани да се подготвуваат за новата сезона со ангажирање на засилувања, и за познатиот меѓународен турнир чии домаќини се, а ќе се одржи од 15 до 19 август на отвореното игралиште покрај Дрим.