Официјално ХСВ Хамбург ги исполни сите услови за учество во Бундеслигата 2014/2015

Вчера попладне на состанок на Независната Комисија за Лиценцирање, беше констатирано дека се исполнети сите услови кои Арбитражниот суд му ги постави на ракометниот клуб Хамбург за учество во новата сезона на германското првенство.

По првичното одземање на лиценцата за натпреварување од страна на Независната Комисија за Лиценцирање, а потоа и од Комисијата за натпреварување во Бундеслигата, последната сламка спас управата на Хамбург ја побара во Арбитражниот суд. Иако пресудата беше во корист на Хамбург, сепак ригорозните услови и правила од кои се состоеше пресудата имаа за цел да ги оправдаат ставовите на комисијата за лиценцирање. Меѓу позначајните услови се најде и доказот за ликвидност, главната препрека меѓу ХСВ и германската ракометна федерација, а задача на Хамбург беше до 1 јули да достави доказ за покривање на милионската дупка во буџетот за наредната сезона. Приказната заврши со среќен крај и покрај одливот на квалитетни ракометари, Хамбург ќе се натпреварува во најквалитетната ракометна лига во светот.