ОФИЦИЈАЛНО: Сара Ристовска стана дел од ЦСКА Москва!

Македонската репрезентативка Сара Ристовска и официјално во следната сезона ќе има нов предизвик во кариерата. Таа по една сезона си заминува од словенечкиот шампион Крим и во следната сезона ќе ги брани боите на новоформираниот руски тим, ЦСКА Москва.

На денешната прес конференција во Москва беше промовиран новиот проект. Присуствуваа претседателот на Руската ракометна федерација, Сергеј Шишкарев, директорот на клубот, Тимур Иванов, како и капитенот Дариа Дмитриева и тренерот Јан Лесли.

Данскиот стратег соопшти дека во тимот веќе има 20 ракометарки, меѓу кои само три интернационалки. Голманката Чана Масон од Бразил, Швеѓанката Сабине Јакобсен, како и нашата Сара Ристовска. Ако своевремено руските ракометарки доаѓаа во Македонија, сега имаме наша репрезентативка со трансфер во руски клуб.

ЦСКА Москва веднаш сезонава ќе биде вклучена во женскиот шампионат на Русија и се чини дека ќе биде најголем конкурент на Ростов Дон.