ОФИЦИЈАЛНО: Металург новиот шампион на Македонија

Иако последното коло беше формалност, во разврската за титулата во македонското ракометно првенство, екипата на Металург со победата над екипата на Пелистер, во Битола ја прослави 6-тата титула. Ракометарите на Металург најтешката задача ја завршија на 2-ри и 8-ми мај, кога по двомечот со најсериозниот противник за титулата, Вардар, излегоа како победници со една победа и еден пораз, но подобра гол-разлика.
Секој друг исход во последното коло од Суперлигата ќе беше нереален и незаслужен. Младиот тим на Пелистер пружи отпор, но квалитетот и разликата во класи, се покажа во почетокот на натпреварот како непремостлива пречка за домашниот тим да ја направи завршницата интересна. Металург ја превзема иницијативата за да обезбеди мирен финиш на натпреварот и сезоната. Лино Червар ништо не пропушти на случајноста, па на паркетот во Битола ја изнесе најдобрата седморка предводена од Станиќ, Атман и Вугринец.
За наредната сезона Металург го задржа главниот костур на тимот, меѓутоа постепено го започна подмладувањето, па освен искусниот српски голман Коциќ, ќе ги засили своите редови со младиот суперталент Марсениќ на пивотменската позиција и црногорскиот репрезентативен десен бек Липовина. Трансфер сезоната штотуку започна, Металург го очекува заслужен одмор, а наредната сезона ќе ја очекуваат на врвот на македонскиот ракомет.