ОФИЦИЈАЛНО: Калараш две години во Вардар!

Рускиот репрезентативен пивотмен Глеб Калараш, во следните две сезони ќе ги брани боите на актуелниот европски првак Вардар.

Тој го засили „црвено-црниот“ тим минатото лето, но по една година во Скопје требаше да се пресели во Мотор Запорожје. Калараш се појави во Запорожје, но тренираше со вториот тим, додека првотимците беа на подготовки во Хрватска и Словенија.

Двете екипи преговараа во јуни и не се договорија во прв момент за Калараш да биде ослободен од обврските. Но, договорот со Мотор е раскинат и рускиот репрезентативец ја продолжи верноста кон Вардар на уште две сезони.

Калараш играше за Чеховски Медведи и Санкт Петербург во Русија, а одигра и една сезона во дресот на Магдебург во Бундес лигата. Тренерот на Вардар, Давид Писонеро, во претстојната сезона ќе има на располагање четири пивотмени – Сикошек Пелко, Горпишин, Стоилов и Калараш.