Од третиот шешир се чекаат ривалите: Македонија ги добива противниците за новиот Мундијал

Сениорската репрезентација на Македонија во машка конкуренција денеска ќе ги добие своите противници за Светското првенство кое во јануари ќе се одржи во Германија и во Данска. Македонија влегува на оваа ждрепка од третиот шешир, а таму се и Катар, Австрија и домаќинот Германија.

Овие три селекции не се во комбинација за ривалство со Македонија на СП во првиот круг, а нема да биде ниту Кореја која е сместена во групата со Германија.

Како што е веќе практика во овие ждрепки четири селекции добиваат предвреме своја група и знаат во кој град ќе се натпреваруваат. Овој пат тоа се носителите Данска и Шведска, како и Хрватска која ќе игра во Минхен. Германците како домаќини го одбраа Берлин, па овој град не е опција за Македонија.

Секој од другите ривали е можен за Македонија. Јасно е дека од првиот шешир во комбинација се сите, но или Франција или Шпанија ќе заврши во групата кај Германија. Хрватите, пак, не можат против Данска и Шведска, а тие не можат ниту со Германија. Оттаму онаа селекција од носителите која нема да биде кај Германците ќе игра во група со Хрватите. Јасно е дека ќе има сили групи и никој не може да се надева на лесна ждрепка.

Почетокот на ждрепката е најавен за 12:30 часот, а ќе се одржи во Копенхаген.

ШЕШИРИ ПРЕД ЖДРЕПКА

1. Франција, Шпанија, Шведска (Група Д/Копенхаген), Данска (Група Ц/Хјернинг).

2. Хрватска (Група Б/Минхен), Русија, Норвешка, Унгарија.

3. Катар, Германија (Група А/Берлин), Австрија, Македонија.

4. Србија, Тунис, Исланд, Аргентина.

5. Бразил, Египет, Бахреин, Чиле.

6. Кореја (Група А/Берлин), Саудиска Арабија, Ангола, Јапонија.