ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Mашинерија на навивачки погон

Во саботата Вардар го одигра мечот на неделата, кој требаше да биде показател за можниот носител на првото место во групата. Атмосферата во салата прекрасна, расположени, насмеани лица, а салата полна до врв. Од деца кои дошле да ги видат своите идоли, до највозрасни со бастуни… Комитите го прославуваат својот 30 роденден, па роденденски навиваа, ми се чини најсилно до сега. Тешко на било кој противник што треба да дојде во таков амбиент. На моменти беше толку заглушувачки, што ти доаѓа уши да затнеш, а камоли да треба да играш. Единствено Филип Талевски беше среќен бидејќи истата таа публика го пречека со голем аплауз, како што и треба да биде за секој кој ги брани боите на Македонија.

Ракометарите на Рајн Некар делуваа навистина дезориентирани од таквите услови. Имаа грешки во нападот, а во првиот дел како да заборавија како се игра одбрана. Веројатно затоа што Вардар е многу тешко да се брани. Вуко Борозан се разигра, како никогаш досега. Летаа топки како проектили, па мислам дека ни голманите не се толку храбри да пружат рака кон такво нешто. Затоа и беше избран за играч на натпреварот, со своите 7 неверојатни погодоци. Целиот тим на Вардар играше многу концентрирано, очигледно беа добро подготвени да го бранат нивниот „7 на 6“ напад. Тие многу брзо се враќаа назад после тоа, а на неколку моменти нашите играчи како да подзабораваа дека тие немаат голман. Тука публиката како сообраќајци, мафтаат, викаат шутирај, покажуваат накај нивниот гол… Уживам во таа синергија меѓу играчите и навивачите, кога ти од трибините треба да бидеш дел од играта и да помогнеш како знаеш и умееш. Тоа често го чувствуваат судиите кога ќе кикснат, па публиката која многу добро го познава ракометот не простува и прави таков притисок, да мора да биде послушана. Најубаво е тоа што изминатава година сме толку јаки, што дури ни тие судиски одлуки не ни можат многу. Играчите играат како во транс. Дибиров, цело време се движеше како робот, да одбрани простор, да пресече топка, да постигне гол. Во еден момент Штербик одбрани и не виде дека противниците немаат голман, па Дибиров како да сакаше да му ја украде топката од рака за да постигне погодок преку цела сала што нормално, ја крева публиката на нозе и салата се тресе. Се најдоа во кратка дискусија, каде што изгледаше дека Штербик му вели, ајде де, не е до толку работава, извини, а овој пак, сфати дека бурно реагираше, па најдругарски се поздравија. Кога тој ќе тргне во контра ми се чини цела сала престанува да дише, затоа што чекаат да направи некоја мајсторија. Еднаш и згреши, ама потоа сепак беше награден со аплауз за поддршка. Исто и Чупиќ кога промаши пенал, доби поддршка од публиката, па се врати и понатаму да шутира пенали, што ми беше необично, но нема ништо обично кај овој Вардар. Столе, исто така, одигра една од своите најдобри партии и постигна неколку убави голови. Многу ми е интересно дека во еден момент толку голем човек успеа да се скрие зад одбраната на Рајн Некар и се најде сосема сам на линијата од 6 метри, па доби топка и постигна гол. Карачиќ е познат по „дриблањето“ на противниците, а имаше еден таков уште позабележлив пробив, каде што тие не беа ни свесни дека се шета меѓу нив и шутира. Можам да раскажувам до утре, а тие што имаа среќа да го гледаат ова ремек дело од утакмица, најдобро знаат зошто е тоа така. Незаборавни мигови, на радост, среќа и мајсторска ракометна игра.


Овој пат салата беше прилично полна и за женскиот тим, кој, исто така, гази во својата конкуренција со 6 победи од 6 натпревари. На овој натпревар воопшто немаше сомневање за победникот, а и самите гостинки како да беа откажани од борбата со тоа што беа дојдени со само 9 ракометарки. Така, и најмладите кај нас имаа прилика да играат и да почувствуваат што значи врвен натпревар, но не ја искористија шансата да постигнат гол. Кузњецова одигра перфектен натпревар. А и Суслина имаше прилика да ги покаже своите вештини, кои се навистина врвни, па се радуваше на многу одбрани, а и публиката заедно со неа. Браво за дамите на Вардар, влегуваат со максимален број поени во вториот дел, им посакуваме само така да продолжат до самиот врв.


Тимот на Металург покажа машка игра во Истанбул. За жал, немаа сила да одиграат така до крај. Често ми текнува на една дамнешна изјава на Милева Велкова после една победа со пресврт која ја оствари Кометал. На прашањето како успеале, рече: Натпреварот се игра 60 минути. Мислам дека тоа треба да биде лекција број 1 за секој што ќе реши да се занимава со ракомет.

Металург дефинитивно ги изгуби шансите за понатамошен пласман. Сепак, и оваа сезона не` претставија достојно во својата класа. Има најави за промени во форматот на Лигата на шампионите, но веруваме дека секогаш ќе има место за Металург во некоја од тие класификации. А и секогаш ќе има место во репрезентацијата за неговите најдобри играчи.

ПИШУВА А.К.Н.