ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Храбро, до уште една победа на Македонија!

Не сум во Загреб. Но, како и во изминатите 20 и повеќе години, кога не сме во сала за репрезентација, утакмицата ја гледавме фамилијарно, од најстариот до најмладиот член, заедно со комшиите. Тоа секогаш биле посебни моменти, се меселе зелници и спремале разни мезиња, затоа што кога игра Македонија, тоа е најголема заедничка слава.

Вечерва седнавме со очекување за победа, но сите знаевме дека ќе биде тежок меч, затоа што секогаш нашите играле со трема кога се фаворити „на хартија“. Така и почна, со водство на Црна Гора, па со промашувања (одбрани на противничкиот голман), кои се особено страшни кога се од Кире. Сепак сите верувавме дека таа трема ќе се надмине и ќе дојде очекуваната победа. Филип Талески играше најактивно на почетокот, што пак не беше доволно, а јас уште од почетокот на првенството кукав: Стави го Кузмановски да игра… Не дека нешто посебно мислам дека е тој подобар, но го гледам оваа сезона како го води Металург како прав лидер и има минутажа, па дури и дека се труди со својата борбеност и храбри пробиви да биде наследникот на нашиот неповторлив Жути. И навистина, Раул „ме послуша“ и го стави во игра, а дечкото тотално ја оправда таа доверба и беше избран за играч на мечот. Толку беше скромен и збунет од таа титула на крајот, што беше навистина симпатично да го гледаш и да му се радуваш.

Кога сме кај Жути, па не знам дали постојат зборови за тој човек, Македонец. Со години, според мене можеби петнаесетина како игра, и уште да удираш глава во ѕид и секој пробив да биде или гол или пенал. Така беше и вечерва, мислам дека заврши со 100% реализација на 4-5 гола, плус 2-3 пенали изнудени од него. Е не знам дали му направија пробивање, ама знам дека играше со повреден зглоб и сигурно имаше ситуација каде што се прашувавме дали ќе стане жив и здрав. Тоа ме врати на златните денови на Металург, кога цела сала знаеше да занеме чекајќи го него да стане од теренот, дали ќе намигне, или недај боже навистина е толку „смртно“ повреден.

Во првиот дел одбраната ни беше решето, веројатно нешто се тестираше, па многу лесно ни проаѓаа противниците за удар. Сепак, пожртвуваноста на Јоновски во одбрана, и неговиот невин израз на ликот кога чекаш дали ќе го исклучат, беа вистинска класика. Кога ќе ми текне на сцената од натпреварот со Словенија кога се помоли и си ги бакна рацете кои ја бранат нашата земја, ми доаѓа да го прогласам за народен херој. Толку кроток човек, а таква неблагодарна улога на одбранбен играч.  За среќа, натпреварот го заврши со „само“ 2 исклучувања.

На крилата денес не им беше до толку денот. Особено Гоце кој имаше мал скеч со 2-3 пати вратена топка и не постигна гол. Ама па затоа изиграа машки 60 минути, во напад и одбрана. Во еден момент си викаме, добро бре Манасков, дали имаш барем малку грижа за своето здравје што се фрлаш како топовско месо во одбраната пред телото на огромниот црногорски бек. Ама таква игра, како што ја играа и тој и Столе и останатите, е она што ја прави нашата репрезентација посебна. Како денот кога се игра мечот да е последен. Тоа наше македонско лудило, таа наша необјаснива еуфорија, конечно го зафатија и мирниот, сталожен Раул Гонзалес. Кој од нас очекувал дека тој ќе скока од радост и ќе покажува мускули со раката покрај аут линијата – и тоа за Македонија? Но Раул е наш и ние сме негови. А и нашите ракометари имаат еден мерак за правење цепелини, што никого не може да остават рамнодушен. Особено во тоа се истакна Филип Лазаров, кој не толку очекувано даде неколку клучни погодоци овие 2 натпревари. Мислам дека освен победата, овој натпревар ќе има прилично многу погодоци кандидати за најдобри на првенството. На Кузмановски, на Манасков, како и цепелините на Лазаров и Талески.

И да, целата таа драма и борба на овој, божем однапред добиен меч, вредеа за секој момент поминат со ракометната магија на нашата репрезентација. Ние, како навивачи, правевме се` што можеме. До толку што едно 20 минути не мрднав од местото на каучот на кое што кога седев, водевме. Смешно е после кога ќе ни текне какви се` не глупости правиме за да остане среќата на наша навивачка страна. Ама на крајот, најголема среќа е кога нашите херои ќе извојуваат победа, и тоа многу храбро заслужена. Браво Македонија!

Пишува: А.К.Н.