ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Ракометна година од соништата

Шампионска година со само 1 пораз во Лигата на шампионите. Освоена титула во претходната сезона, а богами на добар пат до врвот и оваа. Тотална доминација на Вардар на теренот. Рушење рекорди од сите аспекти. 2017 ќе остане засекогаш врежана во нашите животи, како година во која се остварија нашите навивачки соништа.

На натпреварот против Кристијанштад не се очекуваше ништо освен победа, но искрено таквата доминација не` изненади и нас. Во салата публиката беше опуштена, на вакви натпревари без ризик имаше и многу деца кои дошле да ги видат своите идоли, Комити држеа темпо, едноставно пријатно саботно попладне. Противниците играа неколку минути, но многу брзо беа исплетени во мрежата на Вардар и разликата почна да расте. Штербик, очигледно, не размислуваше како нас, дека ова е опуштен натпревар, па немаше намера да пушти пиле да прелета. Нашиот тим менуваше постави, па гледавме комбинации каде што играа и Циндриќ и Карачиќ, се менуваа пикерите и играа своја игра, а особено беше поздравен Мораеш кој после несреќниот период се врати пак на теренот. Кањелас класика, смирен, сталожен, без да дозволи да го надвладеат емоциите, според мене многу корисен играч и во одбрана, но и во клучни моменти во нападот. И кога на полувреме имавме примено само 8 гола, си рековме, ова ептен без возбудувања ќе дојде до крајот… Многу сме јаки, гази Вардар и слични гордо-навивачки изрази.

Ама кога почна второто полувреме излезе многу забавен натпревар. Примивме 1 погодок и после тоа цели 20 (со букви дваесет) минути противникот не успеа да ни даде гол. Во салата настана забава, како да се слави Нова година. На секоја одбрана на Штербик, и уште повеќе нивно промашување, публиката се радуваше, галамеше, како да треба сега Гинисов рекорд да поставиме во непримање гол никогаш повеќе. А тие толку мислам дека беа исплашени од Шампионот, што промашуваа и на наш празен гол 2-3 пати. Дури некои од нашите навивачи им мафтаа, како да ги караат, каде гледаш, онде е голот. Ахх, забавно беше. И дури во 52. минута негде, го постигнаа својот 10 погодок. Не знам дали до сега имам видено такво нешто во Лигата на шампионите. Резултатот на крајот беше 31:15, уште еден рекорд за Вардар.

Металург навистина храбро се бореше на последниот негов натпревар оваа сезона, но од веќе споменуваните причини, ова што го постигна е максимумот што го може. Посакуваме да има подобра организација следната сезона, повеќе среќа и уште поголема мотивација.

Годинава ја завршуваме со Вардар на врвот, на кој за некого изненадувачки, за сега најблиску е Нант на Кире Лазаров. Но, еден е Кире. Не се сомневавме дека тимот во кој ќе отиде ќе стане многу поуспешен со него. Сепак, не веруваме дека некој ќе успее да го загрози Вардар до крајот на натпреварите во групата. А тие продолжуваат од февруари, и имаме уште само 2 средби на домашен терен. Мислам дека како навивачи треба максимално да го поддржиме нашиот тим тогаш. Но, морам да ги замолам оние „гледачи“ кои не можат да ги издржат последните 5 минути од натпреварот воопшто да не доаѓаат во салата, или нека си заминат на полувреме. Во саботата, последните 5 минути утакмицата ја догледувавме „низ луѓе“ кои си одеа, што не само што беше некултурно кон останатите гледачи, туку и крајно ненавивачки кон нашите играчи. Ако се плашите дека долго време ќе излегувате на крајот, еден совет од мене – одете си од горната страна, ги отвараат оградите, пошироко е, и слободно, за 1 минута сте надвор. Да бидеме такви какви што не` гледа цела Европа, најдобри навивачи за нашиот тим!

ПИШУВА А.К.Н.