ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Пораз не е опција за најдобрите

Викендов Вардар го играше реваншот со Рајн Некар, после една недела од првиот натпревар кај нас. Интересно е дека двата натпревари беа едно по друго, па тактиките и нивната корекција можеа многу брзо да се проверат. Уште пред да почне мечот знаевме дека поразот не е опција. И на полувреме кога беше изедначено дискутиравме дека што и да биде, Вардар нема да изгуби. Затоа што дури и кога играат утакмица за вежбање на тактика, знаеме дека ако треба ќе притиснат за резултат.

Овој пат многу од играчите немаа свој ден. Еден Борозан испромаши се` што шутна. Си велам го урочив. После промашувањето на Чупиќ, Дибиров ја презема одговорноста за пеналите и беше добар. Дури и Шишкарев си го расипа просекот на реализација од што сите како да беа решени во еден натпревар одеднаш да не им оди. За него обично нема утка. Фати топка, изиграј школски, полетај лево десно да се доближиш до голманот и погоди. Но не и сега. Само Штербик е вонсериски (и вонвременски). Ама и Паличка е одличен голман и многу добро ги имаше простудирано ударите на нашите играчи. Додуша многу му помогна грубата игра на неговиот тим. После долго време ја имавме тензијата на резултатот. Напред назад, водство, минус, трилер натпревар во кој нашите ракометари форсираа индивидуална игра, па затоа и многу грешеа. Мислам дека сите викавме и се прашувавме – стави го Карачиќ во игра, зошто седи на клупа? Тој одигра супер во претходните кола, ама веројатно целта беше Циндриќ да се врати во погон по долгата пауза. Па макар и грешел. Ионака и нерешен резултат ни беше доволен да го зацементираме врвот во групата. Група во која Вардар има тотална доминација, не затоа што е слаба, туку затоа што на прсти се бројат тимовите кои се на тоа ниво на игра. На 2 прсти и тоа. Мислам дека само ПСЖ, освен Вардар покажува толкава моќ оваа година. Дури и Веспрем, кој мислев дека ќе биде конкурентен во врвот, изгуби лабаво двапати од нив.

Но, ако се вратиме на натпреварот, еден момент кој ќе остане во меморијата е цепелинпот што го реализираше Криштопанс. Толку ми е забавен да го гледам кога игра потези, кои играчите што му се до половина треба до максимум да се истегнат за да ги изведат, а тој ги прави со минимални движења заради својата џиновска големина. Па така, можеби скокна петнаесетина сантиметри над земјата и го даде голот од цепелин, ама после тоа се израдува и насмевна како дете, што и нас не` расположи. До крајот на натпреварот во таа резултатска нишалка, како што сакаат да ја нарекуваат нашите ценети коментатори, Гонзалес реагираше навремено со тајмаутите, но сепак последните секунди го одлучуваа победникот. На неколку секунди до крајот, при нерешен резултат, тие имаа шут за победа и тоа од прилично чиста ситуација. Но на голот повторно блескаше кој друг, ако не Арпад, со уште една неверојатна одбрана во која потврди дека Шампионот нема намера да губи. На крајот тимот на Вардар делуваше среќно од бодот што го зема, што и нас не` опушти и направи среќни. Како и половина сала која таму навиваше за Вардар. Ми се чини дека имаше повеќе навивачи за нас, отколку за домаќините. Нашата германска „дијаспора“ одлично се покажа.


Во мечот на Металург со Мотор, уште повеќе ништо не функционираше. Делувавме како да е прва утакмица во Лига на шампиони. Само Димитриевски го играше натпреварот на кариерата (до сега), даваше голови, трчаше во контра, а мислам дека го даде и најубавиот гол со ролинг во нашиот тим. Сепак, тоа не беше доволно. На Јовиќ му остана уште самиот да влезе на теренот да одигра нешто, затоа што се` што им кажа на играчите беше залудно. Читав после тоа коментари тој не чинел (како и Лино), но дајте да се запрашаме малку. Еве, не мора кај нас, да го погледнеме Загреб кој има многу поискусни играчи од нашиве, 3-4 тренери во една година сменија, па не постигнаа напредок. Толку години следам ракомет, но формулата за успех никогаш не била проста. Имало тимови со послаби индивидуални карактеристики, добри стратези и магија на мотивацијата што прави успех. Тимови со одлични неколку играчи, просечни стратези и дисциплина што води до успех. И други најразлични комбинации, но многу, многу ретки биле тимовите што имале константно добри резултати и непобедливост.

Токму затоа, овој сегашен Вардар за мене е вистинско чудо. И тоа чудо кое се случува во мојата земја, мојот град, моето срце!

ПИШУВА А.К.Н