ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Маратонците го трчаат почесниот круг

Изминативе години, ние-македонските навивачи, бевме максимално разгалени од тимовите на Вардар и Металург. Нашето не толку европско Скопје, цврсто стои на врвот на мапата со дури 3 тима во Лигата на шампионите. Со најавите од изминатите денови, изгледа на нашата бајка и` се ближи крајот. Колку и да не сакавме да веруваме на разните гласини, со веста за заминувањето на Раул Гонзалес, нашите надежи се стопија како мраз на скопското летно сонце. Јасно е дека ова е последна година кога го имаме најдобриот тим во Европа, односно во светот.

…А тимот е толку моќен, што веќе заборавивме како изгледаше тремата при гледање натпревари. Сега само уживаме во тактичката игра и свесни сме за немоќта на противниците. Кристијанштад кој, гледајќи ги претходните настапи во нашата група во ЛШ, прилично ги намачи останатите тимови, за Вардар беше еден лесен тренинг. Поточно, го победија 3 играчи плус еден Штербик. Ми се чини дека сите голови ги дадоа Борозан, Криштопанс и Дибиров.  Дибиров играше со многу мотив, што ја развесели нашата растажена душа. Сечеше топки, трчаше контри, па и голови летаа од друг крај на теренот. Криштопанс го качи процентот на реализација, дури и имаше пробиви на линијата од 6 метри, што беше интересно да се гледа од еден толку голем играч. Мислам дека Чупиќ убаво ја покриваше неговата не толку голема подвижност, но повторно тоа е одликата на тимската игра, што е императив за да се биде шампион. Браво за Карачиќ, Чупиќ, кои, исто така го одиграа целиот натпревар без измена на својата позиција. Нема доволно пофални зборови за овој тим, за овој наш Вардар кој е сега, и којзнае кога пак….


Кај женскиот ракомет врвните тимови се во многу помал број, а нашиот Вардар повторно е меѓу најмоќните. Исто така си гледаме натпревари со тотална опуштеност, иако како што е често женска одлика, знаат да приредат по малку драма. Во неколку натпревари, кон средината на второ полувреме се опуштаат од водството, па колку толку ја имаме тензијата дали ќе успеат да ги земат двата бода на крајот. Потсвесно знаеме дека ќе победат бидејќи навистина сме толку разгалени, што веќе заборавивме што значеше тоа пораз.


Всушност, Металург е тука да нè потсети, со играта која флуктуира и во ситуација каде што очекувавме дека ќе победат и ќе имаат поголеми шанси за минување на групата, изгубија. Но, така е тоа кога се почнува од нула, со тим кој просечна возраст има, колку? – дваесетина години. Индивидуално имаме квалитети, но често заради младоста се заборава на тимската игра. Ние имаме разбирање, но да се потсетиме на една Германија што стана Европски првак, и на една Норвешка кои газеа сè пред себе со репрезентации не многу постари од нашиов Металург. Затоа, мора да се има сериозен пристап и градење на тимска игра за победи. Од следната година ќе мора да се потпреме повеќе на нашите деца, за кои се надеваме дека ќе израснат во врвни ракометари.


Бескрајно сме благодарни за тоа на овие играчи, на овие луѓе на теренот и тие позади него, на Вардар… Какви првокласни тимови имавме прилика да видиме овие години во нашите сали, но и да ги победуваме. Македонија е една од само 6 земји кои ја освоиле машката Лига на шампиони. Засекогаш остануваме запишани во историјата на ракометот. А како што изгледа оваа година, имаме добри причини да се надеваме дека можеби чудото може да се повтори. Што ќе биде после тоа? Ќе размислуваме тогаш.

Затоа, сега да уживаме во оваа почесна трка на нашиот Шампион. Да одиме во сала да ги бодриме, да ја имаат нашата поддршка во сите нивни дела и одлуки, да се надеваме дека ќе бидеме првиот тим кој два пати по ред ја освоил титулата. И играчите, и сите ние кои дишеме со ракометот, тоа го заслужуваме!

ПИШУВА А.К.Н