ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: „Малите“ судии, големиот Арпад и храбриот Бразилец

Во саботата ја изгледавме првата утакмица во која ракометарите на Вардар требаше повеќе да се испотат. Против „моќната“ Барса. Салата, „вулканот“ како што некои сакаат да ја викаат, беше преполна, а нашата публика знае ракомет.

Натпреварот започна повторно со лежерна игра на Шампионот, па резултатот во првите минути беше во корист на гостите. Но, потоа прв се разигра Македа, леташе кон голот со полна сила, а при секој погодок, вистинска радост споделена со публиката. Уште од прв ден кога дојде во Вардар за него мислам дека е прав Комита и стварно го заслужува дресот со неговата лавовска борба. Толку се внесе во улогата што во еден момент кога улови противничка топка на линијата од 6 метри, ја фрли и падна како крушка, за да не стапне внатре. Си викавме дали вреди вака да се удри од земја со ризик да се повреди за една топка, ама таков е тој, а таква е и одликата на шампионите – борба за секоја топка без изговори.

Циндриќ, пак, во меѓувреме го пробиваше патот низ одбраната на Барса со силина на ѓуле. Си вика човек, ретки се вакви плејмејкери, да смоташ по 2-3 противнички играчи и да постигнеш гол. И да не го постигне, ќе ја навлече одбраната и во вистински момент ќе ја испушти топката кон друг играч за тој да погоди. Овој пат тоа остави многу голем впечаток, навременото испуштање на топката доведено до перфекција, не само кај него, туку и кај целиот тим. Борозан, пак, си велиме сигурно нашиве мрежи се зајакнати со челична конструкција, инаку досега ќе ги дупнеше. Ама тоа е таа физичка предиспозиција, но сигурно и мнооогу пати повторено и извежбано движење. Раката едноставно автоматски удира со неверојатна силина што делува како да си откачил сајла. Барем така ми изгледа кај некои играчи кога ќе најдам место во сала многу близу до теренот и ќе можам да ги видам пред мене, раката кога шутира, како убрзана да е. А, за наша штета, оваа сила се покажа и при ударот на Жалуз врз Мораеш. Не можев да поверувам дека при шут може нос да му скршиш на човек со дланка. Сцената беше многу страшна, цела сала занемена и застана на нозе. Но, големиот Бразилец успеа да стане и му посакуваме што побрзо опоравување и враќање на терен. Дибиров овојпат беше во елемент и успеа да постигне неколку голови, а во еден прекин на натпреварот, се истакна со својата вештина при бришење на подлогата и помош на девојките задолжени за тоа. Секако, заслужи голем аплауз.

Одбраната, овојпат беше онаа совршена, а за сè што ќе биде пропуштено, тука е Штербик. Леле што им направи. Јас мислам на Ривера не просекот на натпреварот, просекот на сезоната му го намали. Какви удари одбрани. А како шлаг на тортата беше уловената топка од крило, фатена жива со една рака. Неколку пати после тоа ја гледав одбраната и стварно нешто нереално, Матрикс.

Единствено разочарувачко нешто беа судиите. се потсетив на времето на Кометал, кога ние со тим од нигде и никаде, никогаш немавме предност, дури ни на свој терен. А овојпат се играше кај Шампионот. Публиката во сала знае кога се претерува во одлуките и затоа реагира бурно, да го брани своето.

За крај да кажам нешто во врска со написите кои велат дека салата овој пат била полна заради Барса. Не се согласувам. И овојпат салата беше полна заради Вардар, затоа што публиката знае дека на вакви натпревари им треба најголема поддршка. А играчите потоа на тоа враќаат со ваква епска игра, навистина да се почувствуваш дека си осми играч за победа.

ПИШУВА А.К.Н.