ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ : Лабаво со Вардар, секогаш има надеж за Металург!

Пола од навивачите веројатно не ни знаеа дека Вардар против Загреб викендов игра ЛШ, а не СЕХА. Како и да е, сите знаеа дека Вардар ќе победи. Како? Многу едноставно, прејаки се за еден тим што пројде кризен период, со промена на играчи и тренер. Па иако содржи голем дел од моќната хрватска репрезентација, немаа шанси со вчерашниот Вардар.

Кога почна утакмицата, гостите заводеа 3:0… Ахх.. Колку пати досега кога играле наши тимови или репрезентација, кога секој потег бил решавачки – на ваков почеток сме знаеле дека утакмицата е изгубена. Ама не и сега. Најкул си викаш, што е 3 разлика за Вардар да ги стигне? До толку лабаво и самоуверено, што се изненадив дека Раул викна тајм-аут. Не дека не требаше, најправилен потег… Ама сакам да кажам дека јас што секогаш од навивачки агол викам тајм-аут, тајм-аут, сега толку верувам во силата на Вардар што не ни помислив на тоа. А Раул богами викаше, како никогаш досега. Многу брзо резултатот си дојде на свое место.

Инаку, вчера како да беа подебели стативите. И од една, и од друга страна, реткост е толку пати да се погодат. Ете, не сакав да зборувам за Штербик, да не звучам како клише, ама како е можно да е толку добар на свои години, како што самиот вели пред пензија. За мене тој е еден од најдобрите голмани на сите времиња и уште не ми се верува дека брани за нас.

Кога сме кај голманите, баш ме изненади нивниот голман, еден вид „ноунејм“ играч што денес веројатно ја играше партијата на својот живот. Бранеше многу незгодни удари на нашите најдобри играчи, дури и контри и зицери. Ама затоа тука е Борозан. Каков Терминатор е тој играч, и стас, и шут, и какви бомби од рака вади дечкото. Мора да се спомне и Македа, кој стварно сака да покаже дека е прв избор за неговата позиција. Денес во пробивите за гол кон расположениот голман знаеше и да згреши, но покажа одлична партија. Сè на сè, една утакмица пријатна за гледање, со добра игра од двете страни и секако, одличен резултат за нас.


Ден претходно Металург ги одмери силите со Спортинг. Со оглед на најавите дека Лино не бил овде, сакав да видам како тоа ќе го изведе Јовиќ. Но, Лино не се откажува така лесно. Јас дури се прашувам од каде толку трпение постојано да работиш со нови играчи, одново и одново. За нас тоа секако е од корист. Им се радувам на тие деца, што со толку елан влегуваат во натпреварите, иако се чувствува една несигурност, а од друга страна кога ќе им тргне, ќе полетаат, па за малку и ќе паднеа. Не знам дали со тајм-аут порано, или поинаква одбрана можеше да се заврши со неколку гола предност, но сепак на крајот останува да се радуваме дека сепак извлекоа победа – еден, ама многу вреден гол разлика.

Арсиќ е светлата точка на Металург, одлично брани, но воедно е полн со позитивна енергија и мотивација за играчите. Посебно ме израдува Филип Кузмановски, кој добива самоувереност да организира игра, да преземе одговорност и да се пробива, ќе ни треба во иднина во репрезентација. Исто така браво за малиот Палевски, кој иако толку млад, има мирна рака за изведување седмерци. Имаме и други млади играчи кои верувам дека ќе одат само напред. Особено после Светското, не се грижам за иднината на македонскиот ракомет напротив ја чекам со многу надеж и оптимизам.

 

ПИШУВА А.К.Н.