ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Капитенот капитенски, Вардар шампионски!

Вардар – Нант, 23.09.2017

Првиот натпревар дома кога нашиот тим е европски шампион. Момент кој се случува првпат во животот. Салата не беше полна (но, тоа е друга тема, на пазарна стратегија). Дојдовме со истото свечено чувство како и за секоја утакмица, а денес бевме и во исчекување на моментот кога Кире ќе излезе на терен. Дали ќе го пречекаме како капитен.

Го пречекавме одлично! До толку, што неговиот тренер се збуни и не знаеше дали да го пушти да игра. Кире, па, со таа најмала веројатност што постоеше, успеа да го утне пеналот. Да, си викавме намерно е, а во меморијата ни се вртеа слики од полуфиналето во Келн, кога за малку ќе нè вратеше дома. Почна скандирање „Кире Лазаров“, а, потоа, за среќа, не видовме веќе ништо од неговиот настап.

Но, да се вратиме на ШАМПИОНОТ… Навивачите, беа генерално релаксирани со по некој страстен навивач кој сметаше дека битката на терен е навистина сериозна. А ако се потсетиме на СЕХА дуелите и натпреварот со Висла, кога од неизвесни моменти и доближување на противникот, Вардар ја покажа својата класа и го зголемуваше водството. Всушност, впечатокот е дека ШАМПИОНОТ е толку јак, што ја води играта според својот ритам и ги дозира напорите според потребите. Раул го остави Криштопанс скоро 60 минути, имаше грешки во одбрана и напад ама си рековме – ако не го вежба сега, кога? Дури и тој при крајот на натпреварот почувствува што значи притисок од публика во Скопје, пројави изблик на емоции. Мораеш одигра перфектно прво полувреме, да си каже човек, како можев да се сомневам во неговиот избор лани. Во еден момент имаше дури 4 играчи на Нант кои го чуваа…

Најјак беше моментот кога навивачите од блоковите над противничките играчи станаа да се пресметаат со играчите од клупата на Нант, а нивниот тренер една минута на нашиве им диригираше да се смират и да седнат и успеа во тоа – нешто неверојатно и невидено досега.

Впечатокот е дека покрај сите слабости и тоа што ни делуваат опуштено на почетокот на сезоната, победија затоа што се многу јаки. Чувството што го имавме е моќно. Засега можеме да бидеме мирни, дека Вардар на почетокот на оваа сезона е дури и појак од оној на почетокот на претходната, а противниците дефинитивно со стравопочит влегуваат во натпреварите со нас како шампиони.

И на крај, моментот на поздравувањето со Комити, кога запејаа Вардаре, шампионе… Да, дефинитивно Вардар во моментот е тоа за што Комити пеат сите овие години – Шампион и на хартија, но и на дело.

ПИШУВА А.К.Н.