ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Душата ни е преполна – ВАРДАР Е ШАМПИОН!

Кога пред помалку од две години почнав да ги пишувам моите навивачки приказни, си велев… Како не почнав порано, колку ли ќе имав да раскажам кога Вардар стана шампион.

Веројатно не очекував дека сега, само две години подоцна, повторно ќе ја имаме шансата да раскажуваме за уште една титула од Лигата на шампионите на Европа. А сега, 3 дена не можам да најдам зборови за да го опишам тоа. Затоа што сите зборови на светов се премалку за да се опише ова што го доживеавме. Сите зборови на светот се малку за да се опише херојството на Вардар и тоа како дојде до ова најпрестижно достигнување во ракометот во Европа, воедно и светот.

Во неделата, емоционално испразнети по лудата борба против Барса во саботата, финалето го гледавме мирни, но со грч во стомакот, знаејќи колку е блиску на дофат титулата, а колку малку треба да се изгуби. Во второто полувреме не можевме ни да јадеме, ни да пиеме…. Само се надевавме дека нашите суперхерои играчи ќе соберат сили да издржат до крајот. А кога тоа навистина се случи, експлодираа емоциите. Среќа, солзи, неверување, но со радост во срцето ги изгледавме сите слики кои ни беа пренесени од Келн, па знаевме дека тогаш сите патишта водат на плоштад. Е кога веќе излеговме на улица, почнавме да сфаќаме дека тоа навистина се случи. Свират коли, знамиња, шалови, песни… огромна љубов од сите! Се пееше Вардаре, шампионе во еден глас! Тоа е енергија која може само да се доживее… Таква сплотеност има само во ретки моменти, а нам за среќа ракометот ни ги дава повеќе од обично.

Следниот ден беше еден ролеркостер од неизвесност кога ќе стигнат шампионите… Тензично со саати, но ништо не можеше да нè поколеба да присуствуваме на тој момент.

Кога се упативме накај проверената локација за дочек од пред две години, нозете ни летаа, адреналинот пумпа, ние сме дел од историја! Улиците преполни со среќни, полетни, распеани луѓе… Од најмали до најголеми сите со по некој симбол на Вардар.

Моментот кога автобусот пристигна мислам дека планетата застана. Сите бевме едно – и стоилјадниот народ, и нашите шампиони, и сите оние кои го следеа преносот на телевизија.

Заеднички се пееше за Вардар, за Македонија, а говорите на нашите суперхерои ни покажаа дека љубовта е взаемна и затоа Вардар е таму каде што навистина припаѓа – на врвот на Европа!

Кога на крајот се повтори подигнувањето на пехарот со звуците на We are the champions, се заокружи целиот овој неверојатен подвиг на Вардар, заедно со нас – и тоа беше моментот кога сите станавме шампиони! Затоа после заедно ги испеавме и новата, Вардаре не те оставаме, но и химната на Комитите, Една љубов, еден живот! Морници ме лазат кога ќе се сетам колку моќно звучеше тоа.

Не сакам да зборувам, ни мислам што потоа… Знам дека на сите ни е така. Оваа енергија и љубов ќе не` држат долго време во облаците. Затоа што душата ни е преполна. Затоа што Вардар македонски е европски шампион! А и затоа што веруваме дека ова не е последен пат!

ПИШУВА А.К.Н.