ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Дамите имаат предност

Во оваа богата ракометна недела, дамите имаат предност во пофалбите. Вардарки ја започнаа новата сезона и дури петти пат по ред ќе се борат за титулата, за која им фали таа мала спортска среќа, или пак, итрина за да успеат. А првиот натпревар го започнаа многу мотивирани. Водени од “Лекиќка”, ракометарка со срце и храброст. Кога трча во напад, ти се чини има конци врзани за другите играчи и ги влече, а даде и неколку фантастични погодоци од необични ситуации. Добро е што сега имаат и стратег на клупата, кој е ученик на Гонзалес, а воедно негов помошник во репрезентација. Штета што на крајот од натпреварот премногу експериментираа со играње без голман, а Суслина е веќе во години за да трча наваму натаму, па крајниот резултат не ја отсликува јачината на нивната игра. Бевме дури и малку разочарани, сакавме силна победа. Сепак, победа си е победа, убава.

Но, она што ги направи Вардарки помоќни овојпат, е доаѓањето на Цвијиќ во тимот. Дали некој некогаш помислил дека ќе навива за неа? Мислам дека таа е неомилена ракометарка каде и да гостува, заради грубата игра, но и борбеноста и полнењето на противничката мрежа. Ама да ја имаш во својот тим е вистинско богатство, затоа што кога таа е на терен, како да имаш играч повеќе. Држи по 3 противнички одбранбени играчи, а секој успешен напад или одбрана ги прославува со многу емоции и мотивација. Еднаш имав прилика да застанам покрај неа, тоа е застрашувачки висока и силна градба, тешко на тие што играат против неа. Богами е и прецизна, на овој натпревар имаше 7/7. Сè на сè, како што ја викавме досега по дома “другарка нѝ”,  е одлично засилување. А богами и кога ја видов во дресот на Вардар, одма ми стана многу симпатична.


За ремито на Вардар во Сегед, може да се каже, треба да сме среќни. Многу тежок натпревар, 60 минути грч во стомак. Унгарските екипи се познати по грубата игра, па и сега летаа боксови, колена и лакти. Судиите како да се изгубија во критериумите, што дури и најтивкиот Раул зовре, па и жолт картон доби. Натпреварот го добија Штербик, Борозан и Циндриќ, речиси сами. Им се поклонуваме до земја. Никако не можеше да се стигне до пикерите, а крилата нѝ ги имаа затворено со клуч.  А на крајот, пак се вративме, па дури и имавме зицер за победа, ама Тимур утна. Епа сега, ние сакаме никогаш човек да не згреши, некако нѐ разгалија секогаш да победуваме. Важно, деветта утакмица по ред во ЛШ, Вардар не изгуби.


Уште едно реми за кое треба да сме среќни е она на Металург. Ах бре дечки, 9 гола предност, веќе пивата изладени за славење, ама тоа си го прави младоста, неискуството, а богами и кратката клупа. Сто пати си вртам во глава, зошто на таа украдена топка на 3 минути до крај не застанавте. Тепај време, времето работи за тебе. Сепак, за пофалба е речиси 60 минути игра на трите бека. Искрено се надевам дека до крајот на сезоната ќе имаат повеќе победи и бодови, па ова реми ќе биде само една лекција за поголеми успеси.

ПИШУВА А.К.Н.