Од Данска се гледа Унгарија: Вардарки со триумф над Митјиланд

Во првиот четвртфинален натпревар, ракометарките на Вардар предводени од Станковски и Кокшаров гостуваа во Икаст каде силите ги вкрстија со екипата на Митјиланд и стигнаа до тесна победа со резултат 28-26 (18-12) со која се чекор поблиску до пласман на „фајнал 4“ турнирот во Будимпешта.

Андреа Пенезиќ го отвори резултатот на оваа средба, а набрзо на спротивната страна возврати Јакобсен. По двете технички грешки кои ги направија ракометарките на Вардар, Митјиланд во 5та минута стигна до минимална предност преку Кристијансен 3-2, но Радичевиќ брзо го врати резултатот во егал. Иако македонскиот шампион играше со играч помалку поради исклучувањето на Херем, тоа не беше пречка за Вардар да направи серија од 3-0 со двата погодоци на Лазовиќ и Лакрабер и стигна до прво водство од 7-4 во 12та минута од натпреварот. Во минутите кои следуваа, Вардар имаше мал пад во играта, но натпреварот брзо беше вратен во контрола што резултираше со највисоки пет погодоци разлика 14-9 во 21та минута од дуелот. Скромниот учинок кој го имаа голманите на Митјиланд и одлично расположените Пенезиќ и Лејно на спортивната страна на крајот резултираа со 18-12 по триесет минути игра.


Вториот дел го отвори Бургард со 40-от погодок во Лигата на Шампионите оваа сезона, но Мавсар брзо возврати со два последователни погодоци за 20-14. На почетокот на 40та минута Фрис ја намали предноста на вардарки на само четири погодоци 20-18 и дополнително Педерсен беше успешна со што Митјиланд се доближи само на три погодоци 22-19. Двете грешки на  ракометарките на Митјиланд, Вардар ги казни и ја врати сигурноста во свои раце преку погодокот на Лекиќ за 26-21 во 47та минута. Сепак Митјиланд уште еднаш преку преку двата последователни погодоци на Блом опасно се приближи на само еден погодок разлика 26-25.  Серијата од седум минути без постигнат погодок ја прекина Лекиќ 27-25, а Митјиланд ја пропушти шансата да го изедначи резултатот и македонскиот шампион тоа го искористи и стигна до тесна победа со резултат 28-26.

Најпрезицна во таборот на Вардар беше Пенезиќ со 7 погодоци, додека кај домашната екипа Јенсен постигна 5. Возвратниот дуел помеѓу овие екипи со кој ќе се одлучи која екипа ќе патува на завршниот турнир е закажан за сабота во терминот од 17:30 во „Јане Сандански“.