Одлично издание на домаќините на мундијалот во подготвителниот период: Дали Катар може до медал на Светското Првенство?

Репрезентацијата на Катар е победник на силниот интернационален турнир кој по 8-ми пат се организира во Доха. На турнирот кој се одржа неколку дена пред новата година катарската репрезентација ги победи најдобрите селекции на Србија и Русија. Подмладената репрезентација на Србија беше поразена минимално 26-27, додека во вториот дуел Катар убедливо ја прегази репрезентацијата на Русија со резултат 33-22. Русија го заврши турнирот како второпласирана откако ја победи Србија во последниот дуел од овој турнир со 37-30.
Резултатите на земјата домаќин на Светското Првенство не се изненадување за познавачите на ракометот, особено поради фактот што најтрофејниот тренер Валеро Ривера ја предводи клупата на Катар. Искусниот шпански селектор ја донесе потребната цврстина во одбраната на Катарците, а голмаското дуо составено од поранешниот босански и црногорски репрезентативец, Даниел Шариќ и Горан Стојановиќ се столбот врз кој ќе се темели играта на Катар на ова првенство. Репрезентацијата на Катар досега учествувала 4 пати на Светските првенства, а најдобар пласман обезбедила во 2003 пласирајќи се на 16-то место. Во 2014 година, Катар како увертира за Светското првенство го освои Азиското Првенство чиј домаќин беше Бахреин.