Нора Морк за 24Ракомет: Мора да најдеме лек за голманките на Вардар!

Женската ракометна екипа на Вардар в сабота на домашен терен го пречекува норвешкиот шампион Ларвик во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Нора Морк е ѕвездата која го предводи шампионот на Норвешка, а се наоѓа меѓу првите три стрелци во Лигата на шампионите со 83 погодоци. Брзата и експлозивна Норвежанка со своите 169 сантиметри, невообичаени за десен бек е вистински кошмар за голманите. Во пресрет на денешниот натпревар со нашиот шампион, Морк ексклузивно за 24Ракомет одговори на неколку прашања.

 

Ова не е Ваша прва посета во Скопје. Раскажете ни повеќе за последниот натпревар против Вардар кој се одигра во сезоната 2013/2014?

„Го паметам многу добро претходниот натпревар кој што го изигравме тука во Скопје. Се работеше за доста изедначен и тензичен натпревар кој заврши со нерешен резултат. Нашиот противник Вардар располагаше со одличен состав тогаш и натпреварот бараше добра физичка подготвеност како што и се очекуваше.“

Поради повреда Ања Един нема да биде дел од составот на Вашата екипа во дуелот со Вардар. Колку е голема оваа загуба за Вас?

„Секако дека е огромен проблем фактот што на утрешниот натпревар во нашиот состав ќе недостасува Ања Един, но од друга страна добра вест за нас е тоа што назад во составот ја имаме Ригелхут која се враќа на теренот по долгото породилно отсуство. Таа е една од најдобрите крила на светот па така нејзиното враќање е огромна предност за нас. Секогаш е проблематично кога ќе изгубите некој играч, но сметам дека имаме квалитетна екипа која е подготвена да го пружи максимумот.“

Од каде доаѓа најголемата опасност на Вардар сезонава?

“Вардар има доста добри индивидуални играчи кои се одлични во ситуациите “еден на еден”. Наша задача денес ќе биде да се обидеме овие дуели во одбрана да ги добиеме. Исто така и нивната одбрана е доста добра и имаат одлични голмани против кои мораме да пронајдеме решение. Едно е сигурно, нас нè очекува тежок натпревар и мораме да пружиме одлична игра доколку сакаме да отидеме дома со позитивен резултат.“

nora mork 3

Според Вас, кои четири екипи ќе се најдат на „Фајнал Фор“ турнирот сезонава?

„Конкуренцијата е одлична сезонава и според играта прикажана мислам дека веќе можеме и да претпоставиме кои екипи ќе се најдат на завршниот турнир во Будимпешта. Сметам дека Ростов Дон, Ѓер и Будуќност ќе се квалификуваат на „Фајнал Фор“. Секако се надевам дека и ние ќе успееме да стигнеме до најдобрата четворка.“

Во следната сезона ќе бидете дел од екипата на Ѓер. Зашто се одлучивте да преминете во оваа екипа?

„Секогаш сакам да пробувам нови работи и барам предизвици во животот поради тоа сакав да ја променам средината. Екипата на Ѓер е одлична и ми се допаѓа целата ракометна историја поврзана со овој клуб. Имаат одлична атмосфера и се предводени од одличен стратег – Амброш Мартин. За мене дополнителна предност е фактот што Хејди Локе игра таму. Таа ми е многу добра пријателка и одлично соработуваме на терен така да мислам дека таа ќе ми биде од огромна помош како на личен така и на професионален план.“

Вчера беше први април – денот на шегата. Дали бевте сведок на некоја интересна случка?

„Вчера норвешките медиуми изобилуваа со доста стории, а машкиот дел од нашата делагација навистина честосе шегуваше на наша сметка, но сето тоа е во ред бидејќи вчерасите ние ова и го очекувавме.“

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ