Нолевска стрелаше три пати, но Рингкобинг пак загуби

Рингкобинг и Наташа Нолевска поминуваат низ тежок период во најсилната лига во Данска. Тимот во кој настапува нашата репрезентативка во рамките на 25. коло доживеа висок пораз од Алборг со 25:17. Нолевска мечот го заврши со три постигнати гола.

Алборг, кој пред овој натпревар беше последнопласиран настапи со голем мотив во обид да ја избегне последната позиција и забележа триумф. Играше цврсто во одбраната и не му дозволуваше на противникот многу да се разигра.

Со овој пораз, Рингкобинг е последен на табелата. Последнопласираниот тим од најсилната лига на Данска оди директно во пониската дивизија, додека тимовите кои ќе завршат од деветтото до тринаесеттото место ја продолжуваат битката за опстанок преку плеј-аут.

До крајот на шампионатот остана едно коло. За да се спаси, Рингкопинг треба во следното коло да го совлада Скандеборг на гости, а Алборг треба да загуби во дуелот со Силкеборг кој се уште има шанси за влез во плеј-оф.