Нов предизвик за десното крило: Сара Ристовска во ЦСКА Москва

Македонската репрезентативка Сара Ристовска во новата сезона ќе ги брани боите на новиот тим во Женската лига на Русија, ЦСКА Москва. По една година мината во словенечкиот Крим и успешните настапи во Лигата на шампионите, Ристовска ќе има интересен предизвик, па за разлика од минатото кога многу руски играчи доаѓаа во Македонија, сега една наша ракометарка ќе биде дел од руски клуб.

Овој тим практично е нов на мапата во Русија и нема да биде наследник на Луч Москва, како што се пишуваше низ многу медиуми. Веќе се потврдени пет засилувања, а тоа се руските репрезентативки Дмитриева, Ведекина, Уткина и Горшкова, кои доаѓаат од Лада Толјати и Маркова од Динамо Волгоград.

На листата нови ракометарки кои се уште чекаат официјална потврда покрај нашата Ристовска, се Самокина од Астраханочка, Скоробогатченко, Чаплина и Голуб од Кубан Краснодар, Чигиринова од Подравка, Бобина од УФА и шведската репрезентативка Јакобсен од ЧСМ Букурешт. Тренер би требало да биде поранешниот предводник на Ростов Дон и Дебрецин, Данецот Јан Лесли.

Официјалната промоција на сите нови ракометарки се очекува во следните неколку дена.