Новиот тим во Женската лига со женски тренер за голмани

Женската лига во новата сезона има две нови екипи, а едната од нив е Спартак Кисела Вода. Тоа е тим кој ќе претставува освежување на домашната ракометна сцена и тим кој има амбиции да стане еден од најдобрите ракометни состави во државата.

Со самото оформување клубот добива и персонал и играчки кадар кој ќе биде воден од страна на искусни тренери. Од неодамна за тренер за голманите е ангажирана Александра Кузмановска, која е лиценциран тренер со шестгодишно работно искуство и е тренер кој е подготвен да го даде својот максимум во работата со младите голманки.

Александра информира за нејзината тренерска кариера како и за амбициите и желбите на новооформениот тим од Кисела Вода.

„Клубот е нов, амбициите се секогаш атак на првите три места, па зошто да не и на првото место. Треба да им се даде шанса на нашите млади девојки да се докажуваат, па се надеваме на напредок и добри резултати“, вели за 24 Ракомет, Александра Кузмановска.

За тоа колку е амбициозен овој проект покажува и фактот дека Александра во следната сезона ќе биде тренер исклучиво за голмани иако во нејзината кариера работела со голманите само по потреба.

„Ова ми е прво искуство каде задачата ќе ми биде да работам само со голмани. Во сите овие години работев со голманите само кога имав можност. Работам индивидуално со голманите на посебни тренинзи во мојата школа, а додека бев во Вардар работев со голманите само кога имав можност бидејќи таму прв тренер на голманите е Царчев од кого исто така научив многу“, изјави за 24 Ракомет, тренерот на голманите на Спартак, Александра Кузмановска.

Кузмановска истакна дека тимот има план да одигра неколку претсезонски пријателски натпревари со екипи од страна, но вели дека не е ништо сигурно и дека за тоа ќе се знае подоцна.

Имала кратка играчка кариера во која тренирала во тимовите на Кометал Ѓорче Петров, Скопје и кратко време во Вардар, но својот ракометен занес морала предвреме да го заврши поради двете операции кои не и дозволиле да има далеку подобра кариера.