НИКОЛА МИТРЕСКИ: Сè за Македонија!

Македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски успешно ја започна својата приказна во Португалија. Поранешниот ракометар на Радовиш, Пелистер, Вардар и Металург, ова лето се реши да го направи првиот интернационален чекор во својата ракометна кариера потпишувајки за едно од најголемите спортски друштва на светот, Бенфика од Лисабон, чија ракометна секција има амбиција оваа година да го симне неприкосновениот Порто од престолот. За почетоците и досегашната своја кариера, првите импресии од новиот клуб, градот Лисабон, амбициите на Бенфика, како и впечатоците од Струшкиот ракометен турнир можете да прочитате во продолжение на интервјуто на Никола Митрески за 24Ракомет.

КАКО ЗАПОЧНА ВАШАТА ДРУЖБА СО РАКОМЕТОТ?

МИТРЕВСКИ: Како мал немав некоја голема желба да играм ракомет, повеќе го сакав фудбалот, но моите другари во основно тренираа ракомет па на часовите по физичко најчесто го игравме тој спорт. Наставникот кој инаку беше фудбалски тренер, забележувајќи ги моите квалитети ми предложи да се запишам на ракомет. На почетокот не сакав, но сепак отидов, пробав ми се допадна и еве до денеска успешно пливам во ракометните води.

ПОЗИЦИЈАТА ГОЛМАН БЕШЕ ВАШАТА ПОЗИЦИЈА УШТЕ ОД САМИОТ ПОЧЕТОК НА КАРИЕРАТА?

МИТРЕВСКИ: Да, голман беше моја позиција уште од самиот почеток. Бев почесто со топката меѓутоа не ме влечеше премногу, па останав на голот.

Никола Митревски во дресот на Металург

КАКО СЕ ОДВИВАШЕ ХРОНОРОЛОШКИ ВАШАТА ДОСЕГАШНА КАРИЕРА, ОД ПОЧЕТОКОТ ПА ДО ДЕНЕС?

МИТРЕВСКИ: Професионално мојата кариера започна во Пелистер, но претходно бев малку во Радовиш каде напреднав и созреав за настап во македонската Супер лига, од каде се вратив во Пелистер чиј дрес го носев две години. Од Битола се преселив во Скопје каде под водство на Веселин Вујовиќ настапував три години, а последниве пет години настапував за екипата на Металург. Од оваа сезона сум член на Бенфика.

МОЖЕТЕ ЛИ ДА ИЗДВОИТЕ ОМИЛЕН МОМЕНТ ОД ВАШАТА ДОСЕГАШНА КАРИЕРА?

МИТРЕВСКИ: Имало добри периоди и во Вардар, Пелистер и Металург. Би ја издвоил првата година кога потпишав за Вардар бидејки тогаш имав и најголема минутажа и бранев најквалитетно. Во Металург доживеав одлични моменти, би ги издвоил победите над Вардар, Барселона, освојувањето на дупла круна, исто така и во Пелистер иако млад имав одлични натпревари зад себе…

КОИ КАРАКТЕРИСТИКИ ТРЕБА ДА ГИ ПОСЕДУВА ЕДЕН ГОЛМАН ЗА ДА БИДЕ УСПЕШЕН?

МИТРЕВСКИ: Тоа зависи од физичките предиспозиции на голманот. Најпрво би ја споменал добрата одбрана без која голманот колку и да е квалитетен не може ништо. Може да му тргне на еден натпревар но не може тоа да трае во континуитет. Исто така доколку станува збор за крупен голман недостатокот на брзина може да го надокнади со успешно поставување на голот, а доколку е поситен својот недостаток го покрива со брзина за да може да се постави на топка. Крупните голмани имаат поголеми раце и со едно поставување може да стигнат од едниот до другиот крај на голот, ситните мораат да имаат поголема динамика и побрзо движење со нозете. Тоа се тие голмански правила кои важат во ракометниот свет.

Брзината и рефлексот се едни од најголемите карактеристики на Никола Митревски

КОЈА Е РАЗЛИКАТА ДА СЕ БРАНИ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ, И НА БИЛО КОЈ ДРУГ НАТПРЕВАР?

МИТРЕВСКИ: Има голема разлика. Прекрасно е чуството да се натпреварувате со кремот на европскиот ракомет. Учеството на едно такво големо натпреварување е едно непроценливо искуство за секој ракометар и секако врв во кариерата.

ГОЛМАНИТЕ ПОЧЕСТО СЕ МЕТА НА КРИТИКА ЗА РАЗЛИКА ОД ОСТАНАТИТЕ РАКОМЕТАРИ. ТРИЕСЕТ ПРИМЕНИ ГОЛОВИ СЕ НЕУСПЕХ ЗА ГОЛМАН, А ПЕТ ПОСТИГНАТИ ПОГОДОЦИ СЕ УСПЕШЕН ЕФЕКТ ЗА ЕДЕН РАКОМЕТАР. КАКО СЕ СПРАВУВАТЕ СО ТАКВИТЕ МОМЕНТИ?

МИТРЕВСКИ: Немам проблем со тоа. Голманот треба да е свесен кога одиграл добар, а кога лош натпревар. Убаво е да се има самодоверба меѓутоа треба да се биде реален и да се признае кога одбраната не била на потребното ниво. Секој добар натпревар треба да биде поттик за уште поуспешна понатамошна работа, а секој лош, уште поголем мотив со макотрпна работа да се стигне на потребното ниво. Има разлика помеѓу играч и голман бидејки за секој примен гол виновен е голманот, а доколку играчот промаши три четири шутеви е помалку видливо за разлика од тоа кога голманот ќе прими гол.

МИНАТАТА СЕЗОНА БЕВТЕ ЕДЕН ОД МАЛКУМИНАТА РАКОМЕТАРИ КОИ ОСТАНАА ВО МЕТАЛУРГ. ЗОШТО СЕ ОДЛУЧИВТЕ ДА ОСТАНЕТЕ?

МИТРЕВСКИ: Не сакав да менувам средина на половина сезона и затоа останав. Немаше некоја посебна причина, бев во клубот изминатите четири години и сакав малку да помогнам. Сакав да видам колку можеме да постигнеме со младите ракометари, имавме солидни партии и задоволен сум од постигнатото.

ЛЕТОВО ПОТПИШАВТЕ ЗА БЕНФИКА. КАКО СЕ СЛУЧИ ДА ЗАМИНЕТЕ ВО ПОРТУГАЛИЈА?

МИТРЕВСКИ: Имав желба да направам интернационален транфер. Добив најконкретна понуда од Бенфика, беа одлучни да ме донесат во своите редови и во консултација со мојот менаџер одлучив дека тоа е најдобриот избор за мене во овој момент и секако прифатив. Имаше и некои други комбинации во игра, но сите тие зависеа од некој други работи така што, ја одбрав најдобрата опција за мене.

Митревски во дресот на Бенфика на “Струга 2015”

ВО БЕНФИКА НАСТАПУВА И ВАШИОТ ПОРАНЕШЕН СОИГРАЧ ОД МЕТАЛУРГ, ДРАГАН ВРГОЧ…

МИТРЕВСКИ: Да. Кога излегоа информациите дека треба да потпишам за Бенфика, тој ми се јави и ми спомна дека е во преговори со нив. Секако позитивно е тоа да имаш некој со кој си играл претходно и со кој можеш да се разбереш, да споделиш мислење. Во секој случај позитивно искуство.

КАКО ПОМИНА ВАШИОТ ПРВ ДЕН ВО ЛИСАБОН, И КАКО ВИ СЕ ДОПАЃА ГРАДОТ?

МИТРЕВСКИ: Работно. Стигнав доцна навечер. Наредниот ден ме пречека Иле Остоиќ (поранешен ракометар на Бенфика) со кој во текот на целиот ден ги средувававме сите работи во врска со документацијата за мојот престој. Морам да напоменам дека сум воодушевен од Лисабон, кој претставува една од најпосакуваните туристички дестинации во овој момент. Има прекрасна архитектура, а на пет километри од градот има фантастични плажи. Град кој дефинитивно ме освои на прва.

Лисабон

ВАШ ТРЕНЕР ЌЕ БИДЕ ПРОСЛАВЕНИОТ ШПАНСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ И ЧЛЕН НА СИУДАД РЕАЛ, МАРИАНО ОРТЕГА. КАКОВ БЕШЕ ВАШИОТ ПРВ КОНТАКТ СО НЕГО?

МИТРЕВСКИ: Имам сосема коректен однос, не само со него туку и со целата екипа. Можеби и најмалку имам контакт со него бидејки имам тренер на голманите, но сè е сосема коректно.

ВЕЌЕ МЕСЕЦ И ПОЛОВИНА СТЕ НА ПОДГОТОВКИ СО БЕНФИКА. КОЛКУ НАЧИНОТ НА РАБОТА И САМИОТ НАЧИН НА ФУКЦИОНИРАЊЕ СЕ РАЛИКУВА ОД РАБОТАТА ВО МАКЕДОНСКИТЕ КЛУБОВИ?

МИТРЕВСКИ: Ракометната секција функционира во склоп на спортското друштво Бенфика така што условите кои ги имаме не можам да кажам дека се како на фудбалскиот тим, но за македонски услови се на доста високо ниво. Имаме луѓе кои се грижат за сè што ни е потребно, а на нас ракометарите е да мислиме само на ракомет. Овие услови кои ги гледам во Португалија мислев дека ги имаат само Барселона, Кил и уште четири, пет екипи што секако е голем плус за нас ракометарите.

КАКВИ СЕ АМБИЦИИТЕ НА БЕНФИКА ЗА ПРЕСТОЈНАТА СЕЗОНА?

МИТРЕВСКИ: Амбициите се најмалку да се повтори успехот од претходната сезона, па здравје, да се бориме и за титула. Исто така се надеваме на што подобар пласман и во Челенџ купот, а во португалското првенство се игра плеј-оф во кој играат Бенфика, Спортинг, Порто и Брага и тоа се натпревари во кои може да се случи сè.

benfika grupna
Составот на Бенфика за сезоната 2015-2016

СО ЕКИПАТА НА БЕНФИКА НАСТАПУВАВТЕ НА СТРУШКИОТ РАКОМЕТЕН ТУРНИР. КАКВИ СЕ ВАШИТЕ ИМПРЕСИИ?

МИТРЕВСКИ: Португалците се задоволни со тоа што имаа можност да го видат во Струга, сосема поразлично од подготовките кои ги практикувале досега. Игравме на отворено, условите беа добри, солидна организација. Малку временските услови ни правеа проблеми но тоа е тоа. На крајот, Португалците се задоволни од турнирот, како и од градот Струга.

ВИЕ БЕВТЕ ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО КАТАР. КАКВИ СЕ ВАШИТЕ ИМПРЕСИИ ОД ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО?

МИТРЕВСКИ: Инфраструктурата беше феноменална и имаше голем број на луѓе. Катарците ништо не оставаат на случајноста, постојано имате луѓе околу вас кои се грижат буквално за секоја ваша и најмала потреба. Секако имаше и некои минимални недостатоци, но ако земеме во целина, одлично организирано првенство.

ГОЛМАНИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА БО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ СЕ НАЈСЛАБАТА ТОЧКА ВО ЕКИПАТА, СЕ ПОГЛАСНИ СЕ ШПЕКУЛАЦИИТЕ ЗА СТРАНСКО ЗАСИЛУВАЊЕ НА ГОЛМАНСКАТА ПОЗИЦИЈА. КОЛКУ Е ОПРАВДАНА ОДЛУКАТА ДА СЕ ДАДЕ ШАНСА НА ГОЛМАН СТРАНЕЦ?

МИТРЕВСКИ:Тоа е одлука на луѓето кои се задожени за тоа и јас ја почитувам, мое е да тренирам и играм и да дадам сè од себе. Доколку тие сметаат дека треба да сум дел од репрезентацијата или не, тоа е нивна одлука и за мене е во ред, бидејќи тоа не е моја задача. Од мој аспект, мое е да тренирам да дадам сè од себе и да бранам, другите одлуки им ги препуштам на тие кои се одговорни за тоа. Сè за Македонија! Јас сум задоволен кога победува Македонија без разлика дали јас бранам во репрезентацијата или не.