Никола Карабатиќ после бронзата: Помладите нè замолија да им помогнеме да дојдат до медал

Најдобриот ракометар на Франција, Никола Карабатиќ беше прогласен за играч на натпреварот против Данска во битката за бронзата. Тој успеа да одработи одличен меч и да ги води своите колеги до победа така што после мечот го кажа своето видување за прикажаното на дуелот за 3. место.

„Натпреварот против Данска  ни беше многу важен, а особено важно беше освојувањето на медалот. Сакавме да го завршиме турнирот со победа и успеавме во тоа. Уште еднаш успеавме да се пласираме во полуфинале и да освоиме медал. Ова ни е трето големо натпреварување по ред на кое успеваме да дојдеме до одличје“, рече Никола Карабатиќ.

Тој смета дека Франција е најдобрата селекција на првенството бидејќи го заврши турнирот само со еден пораз и тоа во рундата во која никако не смее да се загуби.

„Го завршивме турнирот само со еден пораз. Во финалето се селекциите на Шпанија и на Шведска кои имаат по два односно три порази. Кога ќе се сумира сè на крајот ние сме најдобрата екипа на овој турнир. Не успеавме да освоиме злато, но важно дојдовме до медал. Во составот имавме неколку ракометари кои никогаш немаат освоено медал и затоа ова ни значи многу. Момците пред мечот рекоа дека ќе им значи многудоколку успеат да стигнат до медал, па ние поискусните им помогнавме во тоа“.

Искоментира и за изненадувањата коишто се случија за време на првенството, но смета дека некои од резултатите на репрезентациите се доказ дека нивото на европскиот ракомет станува сè повисоко.

„Знаевме дека ќе биде отворено првенство. Хрватска не се пласираше во полуфинале, а очекувавме да го направи тоа. Норвешка испадна, а има само два порази. Шведска влезе во полуфинале со три порази, а од друга страна Унгарија отпадна уште во првиот круг, а Чешка скоро да стигна до полуфиналето. Сепак, ова е доказ дека нивото на европскиот ракомет е сè повисоко и дека секој може да победи против секого, а тоа е секако одлично за оваа игра.

Секако беше интересно да се слушне и тоа како е да се игра пред полупразни трибини во мечевите за медалите.

„Секогаш ни е поубаво кога салата е полна. Кога игравме против Хрватска беше навистина прекрасно да се види полна салата. Тогаш е навистина убаво да се игра. Ќе беше многу поубаво доколку салата беше полна и на нашите натпревари и на финалето, но тука ние ракометарите не можеме ништо“.