Низа на промени кај еден од противниците на Вардар и Металург во СЕХА

Една од екипите од Хрватска која се натпреварува во СЕХА лигата направи две измени во својот состав за следната сезона. Екипата на Нексе од Нашице се раздели со најдобриот голман во тимот, Кристијан Пилиповиќ кој го засилува Кадетен Шафхаузен, а успеа да му го привлече вниманието на 28 годишниот среден бек Томи Возаб кој станува старо – нов играч на Нексе после престојот во Франција.

Повратникот во тимот кариерата ја започна во Дубрава од Загреб каде што имаше соработка со Хрвоје Хорват кој е моментално тренер на Нексе и тоа го враќа повторно во Нашице. Во првиот престој во Нексе, Возаб имаше не така голем удел кога во сезоната 2012 – 13 од СЕХА лигата погоди само осумпати во единаесет натпревари. Пред да се врати во Хрватска, Возаб престојуваше во Франција каде што ги бранеше боите на екипите на Ним, Саран Лиорет и Цернај.

Одличните партии на Пилиповиќ не поминаа незабележани од другите европски тимови и после само една сезона во Нексе талентираниот голман го напушти тимот и му се приклучува на Кадетен од Шафхаузен. Австриецот со хрватско потекло одлично се претстави во Нексе, а воедно успеа и да ја зацврсти својата позиција и во репрезентацијата на Австрија. Замена се очекува да му претставува новодојдениот Михајло Радовановиќ.

И покрај заминувањето на најдобриот голман од тимот и најавеното заминување на Матијаж Брумен, Нексе успеа да доведе покрај Возаб уште четири нови засилувања кои ќе му помогнат на тимот да атакува на што подобар пласман во СЕХА лигата.