Не помогна ни Милосављев: И “кариоките” и го земаа скалпот на Србија

Во дуелот помеѓу репрезентациите без победа на Мундијалот, Бразил го запиша својот прв триумф славејќи над Србија со 22-24 (11-14).

Ниту вардаровиот голман Милосављев кој влезе во ростерот на Србија за овој дуел на успеа да ги врати “орлите” на прав пат иако беше многу блиску.

Србија водеше само на почетокот на натпреварот (1-0, 2-3), а од тој момент “кариоките” со два гола (3-4) првпат го презедоа водството кое не го испуштија до самиот крај. Толедо беше расположен за игра кај Бразил, а потпомогнат од Боргес и Лангаро беа најзаслужни за највисоките +7 (6-13) кои Бразил ги имаше во првиот дел. До полувреме Србија успеа да ја преполови високата негатива и на пауза замина со пристојни 11-14.

Вториот дел понуди слично сценарио во кое Бразил најголемиот дел од мечот имаше предност помеѓу три и пет голови разлика. Сето тоа траеше до последниот дел од натпреварот кога на сцена стапи Дејан Милосављев, кој со неколку одлични интервенции ја врати Србија во игра. При резултат 18-22 за Бразил, а по одличните интервенции на Милосављев , Србија одговори со 3-0 серија по која стигна на само гол негатива 21-22. Сепак во решавачките моменти од натпреварот ракометарите на Бразил беа поумешни и успеаа да ја задржат предноста за прв триумф на СП од 22-24.

Најпрецизен во таборот на “кариоките” беше Толедо со пет голови, а на спротивната страна Радивојевиќ и Марсениќ исто така пет пати ја тресеа противничката мрежа.