Нема пари, нема лиценца: Поранешен освојувач на Лигата на шампионите оди во понизок ранг

Добар дел од клубовите кои во своето минато имаат запишано триумф во Лигата на шампионите ги нема на ракометната карта на Европа, но еден дел од нив ги нема и во првенствата на своите земји. Нов тим на тој список е Ларвик, кој победи во ЛШ в сезоната 2010/2011.

Екипата на Ларвик не доби лиценца за настапи во најсилната лига на Норвешка, па следната сезона овој тим ќе ја помине во второрангираната лига во земјата. Ова е соопштението кое Ракометната федерација на Норвешка го достави до јавноста, а главна причина се финансиските проблеми на тимот.

Оваа информација ја потврди и претседателот на клубот, Марион Ериксен Волд и нагласи дека тимот целата енергија ќе ја пренасочи кон обидот што побрзо да се врати во елитата.

„Знаевме дека федерацијата ќе направи таква одлука и бевме подготвени за тоа. Сега мораме да ја насочиме својата енергија кон што побрзо враќање во елитата. Нема да поднесуваме никакви жалби. Клубот гледа кон иднината. Веќе успеавме да креираме одржлив тим во сите категории. Новиот тим се гради и играчите со нетрпение ја чекаат новата сезона“, заврши Марион Ериксен Волд.

Ларвик е големо име во женскиот ракомет, а најголемиот успех го постигна кога во сезоната 2010/11 ја освои Лигата на шампионите.