Неагу шокирана од Амброс Мартин: Сонуваше за Олимпијада, а наеднаш си замина

Левиот бек на Романија и ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу негативно ја коментираше одлуката селекторот Амброс Мартин предвреме да го раскине договорот со репрезентациајта. Таа изјави дека е шокирана и дека не е коректно што во овој момент Шпанецот ја напушта репрезентацијата.

„Бев шокирана кога дознав дека Амброс Мартин ја напуштил репрезентацијата на Романија. Тој сонуваше за пласман на Олимпијадата во Токио, тоа беше негова цел. Не сфаќам што се случи. Не е коректно во однос на ракометарките, но, сепак, сум задоволна што Томас Риде ја презема репрезентацијата. Според мене не е соодветно да се прават вакви работи на една година пред Олимпијадата“, изјави Неагу.

Романија се квалификуваше за настап на Светското првенство во Јапонија кое се игра во декември и ќе се обиде да обезбеди пласман на Олимпијадата во Токио во 2020 година.