Мундијалот останува без еден вардарец

Мундијалот во Данска и Германија од денеска ќе остане без еден ракометар на Вардар. Станува збор за еден од неколкумината Руси кои ги бранат “црвено-црните” бои, поточно пикерот Глеб Калараш. Ова е одлука на селекторот на “зборнајата”, Едуард Кокшаров кој го искористи правото на ротација, па наместо Калараш во рускиот национален тим го повика ракометарот Максим Михаљин.

Покрај Михаљин, нови имиња на СП кои ќе настапат во вториот круг се и француската и светска ракометна ѕвезда Никола Карабатиќ кој ќе биде мега засилување на триколорите, а покрај него четата на Динар ќе се засили и на десната бековска позиција со името на еден од најталентираните ракометари на денешницата, Мелвин Ричардсон. Унгарија ја засилува одбраната која е далеку од своето реноме па шутерот Џамали го замени со немилосрдниот дефанзивец Тимушин Шуч.

Промени има и во редовите на нашиот северен сосед Србија, која никако да се одличи која голманска двојка е најдобра. Овој пат Перуничиќ го испрати голманот на Војводина, Веркиќ на трибините, а повторно во ростерот го вклучи голманот на Келце, Владимир Цупара.