Моќната Барселона се загреа за Вардар, и даде 47 голови на Хуеска!

Ракометарите на Барселона во последното коло од Асобал лигата гостуваа кај Хуеска на последниот натпревар пред средбата со Вардар на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Каталонците доминантно славеа на гостувањето со 27:47.

За разлика од Вардар кој калкулираше со составот во домашното првенство, Барселона настапи максимално на овој натрепвар. Сите ракометари добија шанса на дуелот и успеаја да се запишат во листата на стрелци. Победникот во ниту еден момент не беше неизвесен и уште на полувреме гостите имаа високо водство 14:22.

Хуеска немаше никакви шанси да се спротивстави на шампионот. Остатокот од натпреварот беше формалност, а разликата постојано растеше до крајот на натпреварот. Дика Мем со седум гола и Јуре Доленец со шест беа најефикасни во составот на Барселона. На голот Де Варгас покажа уште еднаш дека брани во одлична форма и собра 14 интервенции. Во екипата на Хуеска, Гонзало Кастро со пет гола беше најпрецизен.

Со оваа победа ракоемтарите на Барселона потврдија дека се во одлична форма и максимално подготвени за најважниот викенд од сезоната. Натпреварот со Вардар се игра на 1 јуни во 18:00 часот.