Мојсов: Имаме неспорен квалитет, се надевам играчите ќе го покажат најдоброто од себе!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник се раздели со стратегот Стевче Алушовски минатата седмица, а во негово отсуство, тимот на дуелот со шпанска Бидасоа ќе биде предводен од Божидар Мојсов.

Пред последната средба од Лигата на шампионите, Мојсов очекува тежок натпревар, но вели дека во Еурофарм има ракометар со неспорен квалитет.

„Клубот се наоѓа во ситуација во која ниту еден клуб не би посакал да биде. Никој не посакува промени среде сезона. Ни следува најтешкиот натпревар оваа сезона. Најтежок и за мене и за ракометарите. Во Битола доаѓа лидерот во групата, Бидасоа Ирун е одлична екипа, системски добро подготвена. Тие долго време играат заедно и сигурно дека не очекува тежок натпревар. Посакувам играчите да излезат на терен и да го покажат најдоброто од себе. Имаме неспорен квалитет во екипата, се надевам на добар натпревар. Сите ракометари се подготвени, со исклучок на Милорад Кукоски, кој е неизвесен за настап“, изјави Мојсов.

Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Бидасоа Ирун се игра в сабота со почеток во 17:30 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.