Младинките на Македонија лесно до висок триумф над Бугарија

Репрезентацијата на Македонија во женска младинска конкуренција обезбеди победа на првата од двете тест – средби против Бугарија. Нашите младинки имаа повеќе од играта и направија помалку технички грешки, а истото им овозможи и убедлив триумф од 31:23.

Почетокот на средбата помина во проверка на силите што донесе 3:3 по првите десетина минути. Главна карактеристика кај двете репрезентации на почетокот беше цврстата одбрана и оттаму не им беше лесно ни на едните ни на другите да преземат игра и иницијатива.

За голема радост, Бугарките брзо ги покажаа слабостите, а Македонија направи серија од 5:0 за прва поголема предност на средбата. Истата предност до полувреме се зголеми на плус шест (14:8). Протиникот немаше шанси за враќање во вториот дел, а и направи премногу технички грешки во обидот да се покаже во некое подобро светло.

Шанса добија сите, а селекторката, Јулијана Дамчевска многу често ја ротираше бековската тројка, како и крилата. Најголемите проблеми по голот на Бугарија паднаа од бековските шутеви, но и преку брзите контри организирани претежно од голманката Јована Мицевска кон нашите крила.

Бугарија немаше лек за наште брзи контри и истото се покажа како клучно за високата победа. Добро се покажа и пивотменката Аида Смајлоска која даде четири гола од својата позиција.

Кумановките Мила Трајковиќ и Јована Кипријановска погодија по петпати со што беа најуспешни. На другата страна најмногу се обидуваше Марија Маслева и средбата ја заврши со седум гола. Реваншот е денес од 10 часот во спортската сала „Автокоманда“.

МАКЕДОНИЈА – БУГАРИЈА       31:23 (14:8).

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 100, Судии: Лела Јашар и Михаела Капсарева од Македонија. Делегат: Русе Наумовски од Македонија.

МАКЕДОНИЈА: Мицевска, Илјаз, Смајлоска 4, Грујовска, Илиќ, Џатевска, Калајџиевска 4, Кипријановска 5, Ивановска 1, Јанкуловска 3, Божиновска 3, Георгиевска, Седлоска 1, Тасевска 4, Трпевска 1, Трајковиќ 5, Динарица.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 4 мин.

БУГАРИЈА: Самеонова 1, Христова 1, Костова, Цонева 1, Самуилова, Маслева 7, Стефанова, Костадинова, Дјулгерова, Бондова, Тодорова 3, Иванова, Петрова, Еремиева 2, Томова 4, Панајотова 4, Јакова.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 6 мин.