Миркуловски: Секогаш играме подобро пред домашната публика

Македонската ракометна репрезентација го одработи првиот тренинг во пресрет на натпреварот со Исланд во рамките на квалификациите за ЕП 2018. Водени од новиот селектор Раул Гонзалез, црвено – жолтите ја продолжуват мисијата да го одржат континуитетот на големите натпреварувања.
Средниот бек на македонската репрезентација, Филип Миркуловски во пресрет овој важен натпревар истакна дека времето за подготовки со новиот селектор е кратко , но дека оваа репрезентација игра долги години заедно и сигурен е дека сите ќе дадат сè од себе да слават во четврток.

„ Добро се знаеме со репрезентацијата на Исланд, но во овој ростер сега ќе го имаат и Палмарсон кој е нивни најдобар играч, па сигурно ќе бидат посилни за 30-40 проценти. Ние играме пред домашната публика, имаме нов селектор кој сигурно ќе внесе некои новитети во играта. Имаме малку тренинзи пред натпреварот со Исланд, но сме репрезентација која е заедно веќе долги години и се надеваме на добар натпревар пред полни трибини и секако – победа “ – изјави Миркуловски.

Македонскиот бек е свесен дека натпреварите со Исланд се најважни за пласманот на ЕП во Хрватска но смета дека притисокот е на страната на Исланд.

„ Нашата репрезентација има мала предност, бидејќи секогаш пред домашната публика играме подобро. Селекторот ќе внесе многу новитети , ние ќе се потрудиме да го сработиме сетоа тоа на овие неколку тренинзи за да го добиеме овој натпревар и на реваншот да одиме порелаксирани, истакна популарниот Жути .