Миркуловски и Вецлар ја завршија сезоната со победа против Фуксе Берлин

Фуксе Берлин и Вецлар ја завршија сезоната со меѓусебен дуел во рамките на Бундеслигата. Два тима кои веќе ги имаа решено своите позиции на табелата, одиграа сосема солиден натпревар, а фаворитот од Берлин на свој терен загуби од Миркуловски и колегите со 27:25.

Знаејќи ја разликата во квалитетот помеѓу овие два тима никој не очекуваше победа за Вецлар. Нашиот поранешен репрезентативец постигна три гола и ја имаше една од подобрите партии сезонава. Натпреварот тргна во изедначена игра, со поголема иницијатива на страна на домаќинот.

Берлинци имаа почетни 5:3, предност која во текот на првиот дел упеваа се повеќе да ја зголемуваат и да ја донесат до плус четири. Со оваа разлика тие го добија првиот дел (14:10), за во вториот Вецлар да направи комплетно враќање во игра.

На стартот на второто полувреме, Вецлар најпрво намали на минус еден за подоцна да изедначи и комплетно да се врати во игра. Фуксе Берлин на моменти одново поведуваше, но противникот секогаш успеваше да остане егал, а во 52. минута стигна и до прво водство на средбата.

Домаќинот за момент изедначи, но потоа следуваше серија од 3:0 за Вецлар, па таа предност беше недостижна за берлинци.

Лени Рубин со седум гола го однесе Вецлар кон победата, додека Ханс Линдберг на спротивната страна даде осум. Фуксе Берлин не успеа да се квалификува за влез во Купот на ЕХФ и сезоната ја заврши на шесттото место на табелата. Вецлар заврши на десеттата позиција.