Металург 2 го освои првиот бод, но пропушти шанса за победа

Металург 2 во 4. коло од Супер лигата го освои првиот бод во сезоната на домашен терен против Пелистер откако ремизираше со 25:25, но пропушти огромна шанса за цел плен од овој дуел со битолчани.

Ривалите одиграа максимално неизвесен и израмнет натпревар. Првото поголемо водство го имаше домашната екипа кога поведе со 10:6, но гостите брзо се вратија и израмнија. На одмор екипите отидоа со нерешени 13:13.

Второт полувреме продолжи изрмнето, а највисокото водство на една од екипите беше два гола. Сепак, натпреварот влезе во неизвесна завршница во која и двете екипи можеа да дојдат до победата. При нерешено Пелистер промаши два пенала, но не беше до крај казнет за промашувањата.

Во 52. минута играчот на Металург 2, Кофиловски заработи црвен картон бидејќи го погоди противничкиот голман во лице. Потоа домашните постигнаа два брзи гола и отидоа на 23:21. Во 57. минута Пелистер имаше напад за израмнување, но битолчани не успеаја. И Металург не реализираше во следниот напад, па во последната минута се влезе со 25:25 и напад за домаќинот.

Ракометарите на Металург 2 имаа напад за победа и тајм-аут, но не успеаја да организираат добра акција за погодок. По истекот на 60. минути имаа удар од девет метри од кој Лука Стојановиќ погоди, но судиите не го признаа погодокот затоа што потскокна при шутот.

МЕТАЛУРГ 2 – ПЕЛИСТЕР   25:25 (13:13)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

МЕТАЛУРГ 2: Михајлов, Мелоски 3, Кофиловски 3, Савковиќ 4, Николовски, Божиновски, Митиќ 3, Мирчевски, Василевски, Стоилевски 2, Ристовски, Георгиевски, Танев, Стојановиќ 9, Додиќ, Ефтимов 1.

Седмерци: 4/8, Исклучувања: 8 мин.

ПЕЛИСТЕР: Ристевски, Ивановски, Јовановски, Димиртовски 8, Димитров 4, Ф.Вардовски, О.Вардовски, Илиев 1, Мандиќ 2, Трајковски 3, Петковски, Блажевски, Буторац 2, Петровски 1, Талевски 4.

Седмерци: 3/6,  Исклучувања: 20 мин.