Металург може да остане без најдобриот стрелец: Шпенде на радарот на Загреб!

Тимот на Металург по крајот на оваа сезона би можел да остане без Словенецот Александер Шпенде. Тој на почетокот на сезоната дојде од португалскиот Порто и веднаш стана лидер на тимот, но неговиот договор истекува на лето.

За него постои интерес од хрватскиот шампион Загреб, на чија клупа седи исто така тренер од Словенија – Бранко Тамше. Во Загреб на левата бековска позиција играат Матеј Хрстиќ, искусниот Дамир Бичаниќ, како и словенечкиот интернационалец Грегор Поточник, но еден од овие тројца веројатно ќе замине и ќе се отвори место за Шпенде.

Шпенде е поранешен кадетски и младински репрезентативец на Словенија, кој во јануари оваа година доби прв повик и за сениорската репрезентација од Веселин Вујовиќ и настапи на пријателските натпревари против Франција.

Тој потекнува од составот на Марибор Браник, а во Словенија има играно за Горење Велење, но во ниту еден од овие тимови не беше меѓу главните играчи, за разлика од Металург каде е прв стрелец, но не игра на последните средби поради повреда.