МАРИЈА ПАПУЏИЕВА: ПРЕДИЗВИКОТ Е ГОЛЕМ БИДЕЈКИ РАБОТАМ ВО МОЈОТ МАТИЧЕН КЛУБ, ОВОЈПАТ ВО ПОИНАКВА ФУНКЦИЈА

Екипата на ЖРК Вардар изминативе три години полека но сигурно го брендираше своето име на светската ракометната карта. Клубот за кој до скоро Европа немаше слушнато, три години по ред го освојува третото место на Ф4 турнирот, со амбиција секоја наредна година да се искачи на самиот врв.
Вардар комплетно го подигна своето ниво во професионална и организациска смисла, а една од најзаслужните за тоа е поранешната ракометна репрезентативка Марија Папуџиева.
Папуџиева во клубот ја извршува функцијата попозната како “floor manager” што подразбира целосна организација пред, за и по завршувањето на натпреварите во Лигата на шампионите и носи голема одговорност бидејки е според строгите правила кои ги поставува Европската ракометна федерација.
За тоа колку е задоволна од тоа што го постигна во својата активна ракометна кариера, условите за работа во клуб како Вардар, како и предизвикот пред преземањето на новата функција во Aкадемијата Вардар, прочитајте во целосното интервју на Марија Папуџиева за 24Ракомет.
Papudjieva pred fan shop

-Ракометот вe прати во текот на целиот живот.  Раскажете ни повеќе за вашите ракометни почетоци?

Љубовта кон ракометот се роди на 13 годишна возраст кога за првпат присуствував на ракометен натпревар. Сосема случајно нештата се поклопија на тој начин што мојот татко беше судија на тој натпревар.Натпреварот се одигра во салата Расадник во која што тренираше екипата на Вардар. Овој натпревар беше клучен момент за мене бидејќи веднаш после натпреварот почнав да тренирам и така всушност започна целата приказна.

-Кој тренер имаше најголемо влијание на Вас?

Моите почетоци во ракометот ги одбележа Стевче Василевски и блaгодарение на него во основно училиште ги научив основите на ракометот. Мојот прв тренер Никола Зиков го забележа мојот потенцијал и целосно ми веруваше и ми овозможи настап во првиот тим на Вардар на 16 години.

Драган Нисевиќ, Ристо-Буцо исто така имаа големо влијание во клупските води, а во репрезентација тренер кој најмногу ми веруваше е Зоран Кастратовиќ кој го извади најдоброто од мене и делуваше најмногу на мојата самодоверба и квалитет за кој што не верував дека го поседувам.

-Како играч настапувавте за неколку клубови во Македонија но исто така имате и интернационална кариера.  Кој клуб остави најголема трага во вашата кариeра?

Настапував за неколку клубови во нашата земја и слободно можам да констатирам дека Вардар остави најголем печат во мојата кариера. Во овој клуб започна сè. Најдолго настапував во Вардар, а добив шанса уште на 16 години да бидам дел од тимот кој го освои Kупот на Македонија и го победи Кометал во 1995 година.

Исто така поминав неколку години настапувајќи надвор од Македонија, а екипи кои ми оставиле најдобар впечаток од странство се Анталија – Муратпаша и Ардал од Норвешка.

– Бевте дел и од македонската ракометна репрезентација. Какво е чувството да се бранат националните бои?

Чувството да настапуваш за националниот тим е прекрасно. Самата атмосфера пред почетокот на натпреварот ти го подигнува адреналинот, пеењето на химната е чувство што не може да се опише. Кога се игра во националниот дрес  никогаш не се штедиш и секогаш даваш 100 % од своите сили.  Вниманието на целата нација е свртено токму кон репрезентацијата и сите сочуствуваат со нас – играчите на теренот. Не постои поголема чест од можноста да се бранат боите на една држава и тежината на задачата е уште поголема ако се земе во предвид фактот дека тоа е привилегија што не може секој да ја има.

-Како започна вашиот ангажман во Вардар?

Мојот ангажман во клубот беше чиста случајност. Во Вардар почна да се воведува систем со кој што се пристапи кон попрофесионално управување со клубот. За да се постигне поголем успех одлучено беше да се земе софтвер со кој што ќе се прават анализи за ракометарите и ракометарките. Мојата колешка Ана, која пред сè ми е пријателка доби идеја дека сето тоа јас би можела да го работам со оглед на тоа дека го познавам ракометот. Во тој момент јас бев во потрага на нов клуб, меѓутоа не сакав да ја пропуштам можноста да научам нешто ново и соработувам со играчи од највисок ранг. Се пронајдов себеси во ова што го работам и одлучив да останам на оваа позиција.

 Papudjieva radost

-Во мометов Вие сте „floor manager“ на екипите на Вардар.  Раскажете ни повеќе за оваа позиција и одговорностите кои ги имате?

„Floor managerе позиција која носи огромна одговорност бидејќи позицијата е според правила кои ги задава Европската Ракометна Федерација. Се работи за целосна организација пред, за и по завршување на натпреварите во Лигата на Шампионите. Работата вклучува бројни активности, односно сето она што гледачите можат да го видат на теренот вклучувајќи шоу пред натпревар, самата процедура пред натпреварот, деца со знамиња, претставување играчи, ЕХФ химна, стикери на под, комуникација на телевизија со спикерот на теренот, редоследот  на музиката и слично, се дел од одговорностите на оваа позиција. Значи сите погоре споменати активности мора да бидат по точен редослед и по одредени правила затоа што казните се огромни доколку не се следат процедурите кои ги задава Европската куќа на ракометот.

-Колкав предизик е да се биде дел од ракометното семејство Вардар?

Предизвикот е огромен бидејќи работам во мојот матичен клуб. Ја работам работата со огромна љубов и задоволството е уште поголемо бидејќи почнав во Вардар, а сега продолжувам во истиот клуб, но секако со поинаква функција. Со други зборови она што во моментов јас го работам најдобро се опишува со познатата мисла- „Најди работа која што ја сакаш и нема да работиш ни еден ден од твојот живот”.

– Направете паралела помеѓу улогата на ракометарка и сегашната позиција во клубот?

Ќе бидам кратка во однос на ова прашање. Професионалноста ми е иста и како играч и сега како вработена во клубот, но сегашната позиција носи многу поголеми одговорности.

Papudzieva igra

– Вашето име е Марија, а во ракометните кругови сте позната како Маја.  Која е приказната позади ова име?

Мојот брат во градинка бил заљубен во девојче кое се викало Маја. Јас секако сум крстена Марија меѓутоа за мир во куќата не било возможно да се користи моето вистинско име па затоа сите започнаа да ме викаат Маја. Интересно е што до пред некоја година никој не го знаеше моето вистинско име.

– Како го поминувате слободното време?

Бидејќи активното играње многу ми недостига јас морам да имам некоја физичка активност па затоа често пати слободното време го користам со активности од типот на искачување на Водно и трчање на кеј. Голем дел од моето слободно време поминувам со дружење со моите пријатели, читање на некоја книга и слични работи кои во моментот сакам да ги правам затоа што со овие активности се чуствувам исполнето.

-Наскоро започнувате со ангажман во Академијата Вардар. Какви се вашите планови и амбиции за во иднина?

Сметам дека навистина голем чекор за мене е фактот што во иднина Академијата Вардар ќе ја водам јас, а мои помошници ќе бидат Ивана Маневска и Елена Радоман.

Што се однесува до моите амбиции, би сакала во иднина да бидам тренер на некоја екипа на деца од 13-14 годишна возраст и секако понатаму да се надградувам и напредувам во она што го правам.